Како што се надевавме и добро поминавме. Тоа е онаа генерална оценка кога ќе се повлече линија по настапот на машката ракометна репрезентација на Македонија на 25.Светско првенство во Франција. Како и на претходните неколку настапи на европските и на светските првенства, пласманот во втората фаза беше примарна цел, а осминафиналето краен дострел и реален одраз на силите и квалитетот. Нешто добивме, нешто загубивме, за нешто „подголтнавме“, нешто пак турнавме „под тепих“…
ПРАШАЊА БЕЗ ОДГОВОРИ
Можевме ли повеќе? И овој пат останува прашање без одговор.
Ќе можеме ли во догледно време? Исто така.
Квантитативно и квалитативно, силите ни се дотука, од 9. до. 12 место, меѓу 16 најдобри селекции во светот. А, и според она нашето за утеха „бидете задоволни, во што друго сме меѓу 16 во светот!“
Според вложувањата и статусот што го има ракометот во Македонија, реално и очекувано е да се бара чекор напред. И лани, и годинава и можеби во следната.
Да се задржи континуитетот во настапите на големите натпреварувања е важно и примарно. Тука нема збор. Но, проблемот кај нас е што ние со години наназад остануваме само на тоа – да се поминат квалификациите или баражот. Да се помине првиот круг на ЕП или СП. И, толку!
Таа „права линија“, ни повеќе, ни помалку, колку што е добра толку е и лоша, во перспектива.
Добра е затоа што ние, тешко излегуваме од „црните дупки“. Од искуството со женската репрезентација и малку подалечно со машката, ни требаат не година-две, туку цели децении да се вратиме на правата линија.
Другите имаат малку поинаква практика и сфаќања што значи „цел“ и „одење напред“. Но, другите, оние поуспешните од нас, проблемите обично ги „вадат“ на маса и бараат решение. Ние ги туркаме под тепих и глумиме „чистота“.
Да биде појасно што значат позитивни осцилации. И да не одиме подалеку за тоа како Германија од репрезентација што не го помина СП, за две години стигна до европски шампион, еве ни посвеж и поблизок пример со Словенија.
Словенците лани на ЕП во Полска испаднаа во првата фаза. Детектирани беа проблемите, направени резовите, поставени целите. Три месеци подоцна, Словенија ја елиминира Шпанија во олимписките квалификации, настапи на ОИ во Рио, го подмлади тимот и игра четвртфинале на СП во Франција. И без Гајиќ и без Зорман и без Бомбач и без Шкоф…А, ние и по две децении се крстиме да не затрепери раката на капитенот, подмладуваме, ама го враќаме Миркуловски оти без него сме „фатени“ во нападот, се пресметуваме со „непослушните“ и вадиме послушни од „нафталин“…
Тие можат, ние не ?! И тие два милиони и ние два милиони. Ако веќе се фаќаме за популацијата и омилената фраза на селекторот Лино Червар „Македонија е мала земја!“.
На ваквите компарации, обично доаѓа она „ама тие се друго…имаат систем“. Па, дајте и ние да направиме систем веќе еднаш. Еве, за почеток да го „позајмиме“ од Словенците. Како работат и како вадат Маргучи и Јанци, а ние не можеме…
МЛАДИ СМЕ И НОВИ ИЛИ, НЕ СМЕ…, ШТО ВЕЛАТ БРОЈКИТЕ
По ланскиот неуспех во олимписките квалификации, се смени селекторот и стручниот штаб и требаше да почне процесот на подмладување на репрезентацијата и смена на генерации. Беше избран Лино Червар со своето педигре, со седумгодишниот стаж во Металург и со статус на некој кој открива и „бруси македонски ракометни дијаманти“.
За настапот на СП во Франција, новиот селектор вети „млада и нова Македонија“. Гледано после настапот на СП, ветеното донекаде е реализирано. Или барем така изгледа. А, останатото е … па, пак „под тепих“!
Нема млади и стари играчи, туку добри и не толку добри… обично е онаа алиби реченица. Но, кога веќе „се вадиме“ на подмладување, ред е да видиме што велат бројките. А тие велат вака: просечната возраст на играчите во македонската репрезентација на ова СП е 29,3 години. За ракометни стандарди тоа и не е нешто што би влегло во категорија „млади и неискусни“.
Бидејќи „се фативме“ за Словенците, за да биде појасно, еве споредба. Просечната возраст на играчите во репрезентацијата на Словенија е 26,5 години. Блаж Јанц, кој е иста генерација со Филип Талески и со Марко Нелоски, е еден од носителите на играта во словенечката репрезентација и заедно со Гашпер Маргуч (27) тие се двајцата најдобри стрелци во тимот. Статистиката на Јанц е 24 гола од 28 шутеви или 83% реализација. Од таа генерација е и Норвежанецот Сандер Сагосен. И тој е втор стрелец во својата репрезентација со 31 гол од 57 шута (54%).
Статистиката на нашиот подмладок е следна: Талески 6 од 18 (33%), Нелоски 3 од 12 (25%), Дрогришки 4 од 10 (40%), Поповски 2 од 2 (100%) со два натпревари помалку од другите.
Двата порази на Македонија на ова СП и беа токму од овие две репрезентации во кои подмладокот го има главниот збор – со Словенија беше 22-29, со Норвешка 24-34. Ние и на ова првенство зависевме од искусните. Во прв ред како и обично од капитенот Кире Лазаров кој како и обично беше главната движечка сила на македонската репрезентација и стрелец на безмалку третина од головите. Капитенот вообичаено е наш прв стрелец со 50 гола од вкупните 163 што ги постигна македонската репрезентација во шесте одиграни натпревари на СП.
Втора точка во „подмладувањето“ што малку „ја турнавме под тепих“ е изборот на ветарните меѓу осумте дебитанти – Кирил Колев (38) и Ристо Арнаудовски (36). Нивните настапи и учинокот се друго прашање. Тоа дали на нивно место можеше да бидат некој од младите играчи што беа изоставени, е трето. Објаснувањето на селекторот „никој немаше штета…ама ни полза“ – тенко.
ШТО ДОБИВМЕ, А ШТО ЗАГУБИВМЕ
Македонија во најдобар случај на крај ќе заврши на 11.место на ова СП. Според резултатите од првата фаза, пред нас сигурно се Русија и Египет кои во осминафиналето влегоа со по 6 бода. Важно или не важно, тоа е две места подолу од пласманот што го имавме на претходното СП 2015 во Катар.
На тоа првенство имавме четири победи против Тунис (33-25), Иран (33-31), БиХ (25-22) и Австрија (36-31) и два порази од Хрватска (26-29) и од Словенија (28-30).
На ова СП во Франција имаме две победи против Тунис (34-30) и Ангола (31-22), едно реми со Исланд (27-27) и три порази – од Словенија (22-29), од Шпанија (25-29) и во осминафиналето од Норвешка (24-34).
Бидејќи од „селекторски аспект“ наместо со претходното СП, порелевантно е да се направи споредба со ланското ЕП, тука имаме две победи повеќе (против неевропски селекции) и едно реми помалку. Но, и еден поразителен факт дека во тоа и такво издание какво што беше репрезентацијата лани на ЕП во Полска со Норвешка игравме нерешено (31-31), а една година подоцна на СП во Франција, од Норвешка, во горе-долу ист состав, загубивме со десет гола разлика.
Кој оди тука напред, а кој назад?
НОВ КАРАКТЕР ИЛИ СТАРА БОЛКА
Изминативе денови често беше потенцирано дека македонската репрезентација има нов карактер – се враќа од негатива и не се предава до крај. Аргументите најмногу беа во настапот против „стариот должник“ Тунис и во последниот натпревар од групната фаза против Исланд. И тоа беше убаво и „за око“ и „на семафор“.
Но, потопот од Словенија и овој последниот од Норвешка повторно ја поматуваат сликата и не враќаат на старата болка. Каде отиде „новиот карактер“ на последниот натпревар? Ослабна како што се губеше силата.
Нели бевме физички најподготвени досега со сите „панцири“ и нови стратегии? Зошто ние сме уморни, а другите играат исто, а не се толку како нас?
Затоа што не играа Манасков и повратникот Миркуловски, и имаме помал ростер и „покуса клупа“. А, зошто ростерот ни е мал, а списокот подолг од сите други (ние одевме со 19, другите со 16 или 17 играчи)? Е, на тоа треба селекторот да одговори.
Да нема забуна, ракометарите заслужуваат честитки за борбеноста на ова првенство. Кирил Лазаров повторно беше лидерот што ја носи играта, Стојанче Стоилов изгина по 60 минути и одбрана и напад во партии какви што немал одамна, во последните мечеви го добивме Никола Маркоски каков што го бараме со години наназад.
Бевме нови и интересни со фамозните ’7 на 6’, но не и толку успешни колку што сакаме да прикажеме. Нешто дадовме, многу примивме…како финеса е добро, како стил на игра за 60 минути тешко. Впрочем, многу репрезентации што и не се потпираат многу на „новитетот“ во ракометот, одат понатаму, ние и со „нова“ и со „стара“ Македонија врвот ни е до осминафинале.
Репрезентацијата е наша македонска, се радуваме на успесите, можеби и повеќе од другите. Затоа можеби и повеќе од другите „чуриме“ на грешките и поразите“. Сакаме повеќе. Кој не сака?
Фокусот нека биде на играта и на тоа како да биде подобро. За ракометот, за нашата репрезентација, за оние што безрезервно се вложуваат во овој спорт, Македонија која живее за овој спорт. За сите нас.
А, демагогиите и „психолошките анализи“ кој е „емоционално празен“, кој е добар или „лош“ или „изнимно лош“ и „злочест“ кога не е добар, нека ги прават големите „олимписки каубои“ вдомени во малата „ракометна провинција“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА