Дарко Панчев со ново обраќање за случувањата во ФК Вардар: „Каде е новиот сопственик? Дали и зошто физички е нападнат поранешен истакнат македонски репрезентативец!?“

Македонската фудбалска легенда, иконата на Вардар, Дарко Панчев преку ново писмо до македонската јавност кое е продолжение на претходните две обраќање продолжува, како што вели, со одговорот на прозивките од страна на новите раководители на клубот.

Панчев, и овој пат, откривајќи нови теми поврзани со најтрофејниот македонски клуб повикува на целосно разоткривање на сите случувања во клубот за што е неопходно вклучување на сите државни институции, но и комплетната домашна спортска јавност, затоа што, како што вели, „Вардар е бренд, нераскинлив дел за идејата на македонска самобитност и затоа што сите заедно им должиме на легендите на клубот Дојчиновски, Шулинчевски, Димитровски, Мојсов, Мутибариќ, Спасовски кои се ковачите на тој бренд!“

Откако претходно македонскиот фудбалер на векот праша „како се потрошени околу 800 милиони денари од сите „управители-спасувачи“ на клубот изминативе осум години, а на крајот виновни за „пропаста“ на клубот да бидат неколку поединци на кои им се должат суми многу пати помали од оние средства за кои не се знае каде заминале“, овој пат се прашува „каде е ‘вистинскиот сопственик’ на клубот, мултимилионерот Атила, кој воопшто го нема никаде откако минатата година се појави само со една порака“, притоа прашувајќи и зошто и дали изминатиов период е „физички нападнат поранешен фудбалер на клубот и поранешен истакнат македонски репрезентативец“. Случувања кои ниту од далеку не наликуваат на името и реномето на ФК Вардар.

НОВОТО ОБРАЌАЊЕ ОД ДАРКО ПАНЧЕВ ВО ВРСКА СО СЛУЧУВАЊАТА ВО ВАРДАР, КОЕ Е ПРОДОЛЖЕНИЕ НА ПРЕТХОДНИТЕ ДВЕ ПИСМА, ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Четврт-век вардарови лудории (3)

Во претходните две мои обраќања до јавноста, а испровоцирани од постојаните прозивки на моето име од страна на новите раководители на ФК Вардар, јасно потенцирав дека можеби е сега навистина време да се исправат сите неправди кои се нанесувани на најтрофејниот македонски клуб низ годините минати. И нема да се откажам од идејата Вардар да си поврати дел од правата и имотот кои неправедно му се одземани!

И сето тоа, како наш долг кон сите оние имиња фудбалски џинови кои го носеле црвено-црниот дрес, а кои се всушност креаторите на брендот Вардар. И поради кои постои брендот Вардар!

Во последната година на пандемијата Ковид 19 дадов едно мега-интервју за хрватските медиуми, кое пак, подоцна осознав било испровоцирано од интервју на големиот Христо Стоичков. Во тоа интервју на самиот почеток беше апострофиран Вукашин Вишњевац како мој фудбалски творец, нешто кое постојано и претходно беше користено низ многуте медиумски пишувања на мојата биографија. Да, Вуле одигра голема, неспорна, улога во мојата кариера и јас сум секако бескрајно благодарен за тоа, меѓутоа тоа не е комплетната вистина. Мои вистински фудбалски татковци, ако може така да се каже, се Дојчиновски, Мутибариќ, Мојсов, Шулинчевски и Спасовски. Фудбалски школувајќи ме од пионерските денови тие во мене го вградија најдоброто од себе. А беа толку големи играчи, џинови кои во себе имаа огромно фудбалско богатство да дадат и пренесат, и што е исклучително важно а потценето, и практично да го презентираат. Но, за тие нешта во следните прилики, иако секоја можност е важна да се вратат сеќавањата на оној Вардар кој го создавале токму тие наши фудбалски џинови, и јасно да се потенцира нивниот огромен придонес токму на митот за неговата слава каква сите ја знаеме и посакуваме.

Голем број вардарови генерации ја носеле моќта на македонската промоција во светски рамки, и тоа не само фудбалска, туку и национална. И, сите заедно се ковачи на најголемиот македонски бренд! Токму затоа Вардар е љубов за многумина и нераскинлив дел на идејата за македонската самобитност!

И уште еден значаен, а за мене многу важен, момент, за она што следува, е едно писмо кое го добив веднаш по тоа мега-интервју за хрватските медиуми од легендата на хрватскиот фудбал, Звонимир Бобан. Бев и помалку изненаден, затоа што одржувавме телефонски контакти, но во таква форма дотогаш немавме комуникација. Во текстот полн со емоции и нагласено пријателство, една негова реченица силно се врежа во моите мисли: „Дарко Панчев – човек со насмеано лице и отворен ум….!“ Зошто го потенцирам ова? Затоа што ми се чини дека оние залутаните во спортот и фудбалот кои се обидуваат во последните 25 години, а сега веќе смислено да го уништат клубот, се уште не ја разбрале пораката каде, во суштина, се крие вистинската моќ и значење на ФК Вардар!

Осилени од моќта која стои зад нив, чувството за неказнивост и семоќ, но и алчноста по милионите кои се вртат по нивните криминогени умови, сакаат уште еднаш да ја одиграат ‘праизведбата’ (или како веќе ја нарекуваат луѓето од драмската фела), на истата претстава која по истиот шаблон ја повторуваат циклично низ годините наназад. Кога „патронот“ ќе се најде на позиција, старо-новите газди и управители секавично испливуваат од темнината, брутално и немилосрдно продолжувајќи со демонтажата и разграбувањето на она малку што не успеале да го однесат во претходниот „мандат“.

Еден пасиониран посетител на реката Вардар, кој откако почна ова „продолжува“, повремено ми праќа пораки под кодно име „Рибарот“ ми вели: „Слушај Даре, не излажаа на неколку пати во минатото. Кога некој од нашите ќе дојавеше дека матната река позеленала, брзо се постројувавме покрај водата со трските во рака, но ништо…, по некое плашливо рипче и ништо посебно. Потоа ни текна дека бојата била од зелената прашина на банкнотите што се пуштени на проперување. Ретко, на пец, ние ќе закачевме по некое рипче, ама не е тоа некој улов“. Интересна забелешка, без разлика на тоа колку е точна или не. Која, сепак, укажува дека многумина се уште и тоа како ги интересира се што се случува, а уште поважно и дека апсолутно никој повеќе не е глупав, иако молчат.

Целата парада можеби и уште еднаш ќе поминеше, како и неколку пати досега, ако овој пат навистина не ја минеа црвената граница. Лагите и лажното претставување, дрскоста и безобразието се веќе видени и практикувани и претходно. Но, актуелното однесување, ароганцијата и пред се јавно објавените закани ги запалија црвените светла. Непотребното манифестирање сила и тоа како ја изиритира комплетната јавност. Самите ги вперија рефлекторите кон себе и своите фрустрации, комплекси и нереализираност. Навидум случајно, низ тие денови нивно глумење градски шерифи, еден поранешен висок функционер на МВР, господинот Љ. Ѓурчевски, анализирајќи ја кај нас се поприсутната појава на К. К. и К. (криминал, корупција и …) констатираше: „Заканата, уцената и насилството се дефиниција за криминална група“. Сакајќи или не, со една реченица ја нацрта сликата на случувањата во клубот, погодувајќи во сржта на проблемот. Заканите и уцените веќе и јавно воопшто не ги кријат, а паралелно низ тој период преку социјалните мрежи се рашири и шпекулација за физички напад врз поранешен фудбалер на клубот и поранешен истакнат македонски репрезентативец, што не беше демантирано. Што значи, сите три услови од дефиницијата исполнети!

Тоа, како и последното полутајно, а којзнае колку легално собрание, далеку од очите на јавноста, устоличувањето на новиот управител, развластувањето на младите комити, со кои многумина минатата сезона сакаа да се сликаат и објавуваат по медиуми а сега не им одговараат, и кои како-така го одржуваа клубот додека овие беа во длабока илегала од познати причини, одземањето и давање на подарок 85% од акциите на новиот газда кој не го удостои собранието со своето присуство, и притоа без воопшто да каже дали ги прифаќа тие 85% и која е нивната вредност, јасно говорат што се случува во клубот. А, било какви банкарски гаранции, кои новиот сопственик, мултимилионерот Атила би требало да ги дал за превземање на седум милиони евра долг, некое планче, или визија на хартија за клубот, и други детали кои секако се утврдуваат со такви договори, ако воопшто постојат, нормално немаше! Единствено порака: „Само во ликот имал неограничена доверба! И, се ќе се решело до крајот на декември“. Само не се кажа до кој декември, затоа што еден помина а сопственикот уште никој не го видел.

Претпоставувам, барем што се однесува до мене, се требаше да помине како уште една стереотипна епизода полна со „ќе“, кој е луд нека поверува, крај на парадата и одиме понатаму. Но, „ѓаволот“ никогаш не мирува. Крајот на годината донесе неочекувана „бомба“. Атомска. Фрлена директно на ФК Вардар! Но, за сето тоа ќе следи…

Продолжува…

Со почит,

Дарко Панчев

Се вчитува...