Шпанците за едно полувреме ја збришаа Полска, Исланд поразен од Унгарија

Само едно полувреме беше доволно Шпанија да ја демонстрира сета своја моќ на почетокот од турнирот во Ирун, на кој „црвената фурија“ ја декласираше Полска со убедливи 30-20. Шпанците одморија дел од своите најдобри ракометари на овој меч, а полскиот состав иако видно подмладен делуваше како достоен ривал во првото полувреме, кое заврши 11-11, при што гостите во последните секунди пропуштија можност да заминат на одмор со минимална предност. Вторите 30 минути донесоа далеку подобра игра на нашиот ривал на претстојното СП, од челичната одбрана произлегоа лесни голови од контри и полуконтри, па „фуријата“ го доби полувремето со 19-9 и славеше во натпреварот со убедливи 10 гола разлика.

Селекцијата на Исланд претрпе пораз од Унгарија со 27-30 во второто коло од силниот турнир што се одржува во Данска. Унгарците клучната предност ја создадоа во првото полувреме, кога поведоа со 18-15. Исланѓаните се приближија до 26-25, потоа и 27-26, но без својот лидер Палмарсон немаа сили за целосен камбек, па на крајот претрпеа пораз. Смарасон со седум и Магнусон со шест гола беа најефикасни во исландскиот состав, додека Ласло Наѓ со шест погодоци беше најдобар поединец во редовите на Унгарија.

Се вчитува...