Словенците „тесно“ на тест-меч со Франција

Репрезентацијата на Словенија загуби со 27-29 од Франција на контролниот натпревар што се одигра вечерва во Тулуз, во подготовките на двете селекции пред настапот на Светското првенство што стартува на 11 јануари. Словенија е еден од противниците на Македонија во групата во Мец.

Словенците во поголем дел од натпреварот успешно се носеа со актуелниот светски шампион. На полувремето резултатот беше нерешен 13-13, аизедначено беше и во поголемиот дел од второто полувреме. Решавачката предност Французите ја направија во финишот на натпреварот. Веселин Вујовиќ на овој меч го одмараше Урбан Лесјак, а шанса на голот доби младиот Урх Кастелич. Во вториот дел на натпреварот, средниот бек на словенечката репрезентација, Миха Зарабец доби удар во коленото и со помош на своите соиграчи го напушти теренот. Засега се уште не се знае колку е сериозна повредата на Зарабец. Тоа му носи дополнителни проблеми на Вујовиќ, кој претходно поради повреда од составот мораше да го изостави Дејан Бомбач.

За репрезентацијата на Словенија ова е втор контролен натпревар во подготовките пред настапот на СП. Во првата проверка Словенците ја победија Саудиска Арабија (38-18).

Се вчитува...