СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ (2): Незаборавни фудбалери од Југославија кои биле дел од Вардар – Шуица, Љубиша Тумбаковиќ, Плачков…

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Во првото продолжение од серијалот кои беа фудбалери од поранешните југословенски републики кои играа за Вардар, ги посочивме „пионерите“  на тие трансфери бидејќи во тоа време беше настан кога некој играч од било која република ќе мине во клуб од друга република. Првите чекори во Вардар како што напишавме во тие педесеттите години ги направија Владо Шалев од Хрватска, Миле Јоциќ , Тихомир Јелисавчиќ , Драган Лакиќ од Србија и Владо Зеленика од Босна и Херцеговина.

По нив подолг период немаше трансфери на фудбалери во Вардар од другите републики, но потоа почна една долгогодишна серија на познати играчи, кои го облекоа црвено-црниот дрес и кои оставија траги на успешните резултати на најтрофејниот клуб од Македонија. Да почнеме со легендарната бековска двојка Јован Дробац и Владимир Рац, која се уште ја паметат постарите љубители на фудбалот. Дробац дојде од белградски Графичар, Рац од  Бачка. Двајцата заедно одиграа вкупно 351 меч за Вардар, од кои 223  првенствени.

За да го споменеме составот за кој играа, да го одбележиме и доаѓањето на Ибрахим Муратовиќ од Слобода /Титово Ужице/ и Мехмед Бајрактаревиќ од Сараево. Јасно во овој состав е и најпознатото име од југословенските простори, голманот Драган Мутибариќ, за кој подготвуваме посебен напис.

Муратовиќ одигра 37 мечеви, постигна 8 гола, Бајрактаревиќ  42, со 15 постигнати гола.

Еве го составот од таа сезона 1969: Мутибариќ, Дробац, Рац, Анчевски, Мечкаров, Сребров, Николовски, Муратовиќ, Балевски, Бајрактаревиќ, М.Спасовски .

Љубиша Тумбаковиќ

Во тие шеесеттите години член на Вардар, но мошне кусо, бидејќи не обезбеди постојано место место во првиот тим беше тогашниот фудбалер на Партизан, Љубиша Тумбаковиќ. Дресот го носеше на 5 првенствени и 25 пријателски средби. Постигна само 1 гол и потоа си замина иако дојде како големо засилување. Но Тумбаковиќ имаше поуспешна кариера како тренер. Освои шест титули со Партизан, три купа, беше тренер во Кина и Грција и селектор на Црна Гора и Србија.

Многу се очекуваше  и од Хрватот Владо Вичек, кој играше за Задар, но во Вардар не се наигра, 4 првенствени и 14 пријателски  натпревари, без ниту еден гол.

За разлика од овие двајца, неколку играчи, кои не беа звучни имиња во тоа време, но одиграа мошне успешно повеќе  натпревари за Вардар. Сигурно веќе навивачите и ги заборавиле.

Драгољуб Дончиќ дојде од Динамо /Врање/ одигра 78 мечеви, постигна 10 гола. Слободан Соколовиќ пред да дојде во Вардар играше за Приштина. Во црвено-црниот дрес настапи на 42 средби, со 23 гола. Вториот играч кој дојде од Вележ беше Никола Рудиќ, може да се пофали со 42 настапи за Вардар постигнувајќи 22 гола.

Лазар Плачков

Но навивачите сигурно уште ги паметат Лазар Плачков, Крсто Врбица и Душан Шуица кои беа носители на играта кога Вардар беше стандарден член на Првата лига на Југославија.

Плачков и Врбица дојдоа од Војводина. Плачков играше за Бачка од Бачка Топола, Врбица за Јединство од Стара Пазова и  Нови Сад. Плачков има дури 347 настапи, од кои 189 првенствени за Вардар. Иако играше во одбрана постигнал 5 гола. Играше заедно  долго време со Мечкаров и Диме Георгиев во халф линијата. Пред седум години почина од инфаркт откако му се слошило во автобус на релација Скопје-Белград, каде беше дојден да се види со пријателите.

Крсто Врбица – 103 првенствен и 201 пријателски меч, 61 гол.  Беше миленик, на навивачите на Вардар, заедно со Душан Шуица.

Душан Шуица

Шуица во Вардар дојде со репутација на најдобар стрелец на Приштина од тогашната Втора лига на Југославија. И тоасекако го оправда и во Вардар.

На 171 натпревар, од кои 85 првенствени има постигнато 71 гол.

Од сите досега спомнати фудбалери кои играа за Вардар, еднствено Душан Шуица остана да живее во Скопје, каде пред три години и почина.

Се вчитува...