СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ (1): Кои беа првите фудбалери во Вардар од Југославија – Тажната приказна на Милорад Јоциќ

Прв играч кој не е од Македонија и го облече дресот на Вардар беше Владо Шал од загрепски Динамо. Во седумдесетгодишната историја на нашиот најтрофеен фудбалски клуб Вардар неговиот дрес го носеле голем број играчи од поранешните југословенски републики.

Во педесетите години беше настан за фудбалската јавност кога некој фудбалер од било која република ќе потпишеше за некој клуб надвор од неа. И тогаш ги викаа популарно „странци“ иако не беа од друга држава.

За читателите на „ЕКИПА“, посебно за помладата генерација ќе биде интересно да се потсетиме кои беа првите фудбалери кои заиграа во  Вардар, а не беа родени во Македонија.

Постарите љубители на фудбалот сигурно се сеќаваат на  Владо Шал, кој во сезоната 1954 година дојде од загрепски Динамо во Вардар како големо засилување. Со своето доаѓање предизвика големо интересирање, бидејки беше прв играч од друга република кој го облече дресот на Вардар и тоа од еден од најсилните клубови во тоа време Динамо. Дебитираше на мечот со Сараево на Кошево. Средбата заврши  без победник-0:0.

Вардар играше во состав: Видиниќ, Божиновски, Лазаревски, Дацевски, Петровски, Чапарески, Антиќ, Јаневски, Т.Петровски, Шал, Георгиевски.

Играше и  на  наредниот меч во Скопје против Црвена звезда-0:0.

Покрај овие две првенствени средби на кои настапи, Шал одигра за Вардар и седум пријателски натпревари и тоа беше се. Само по неколку месеци поради семејни прблеми си замина од Скопје. Од неговата генерација со која играше во Вардар, сите се починати. Понатамошната судбина на Владо Шал не ни е позната.

По него, две години подоцна 1956,  дресот на Вардар го облекоа двајца фудбалери од Србија: Милорад Јоциќ од Црвена звезда и Тихомир Јелисавчиќ од белградски БСК.

И двајцата дебитираа на мечот со Спартак од Суботица на кој Вардар победи со 5:1. Тогаш Вардар играше во состав: Цветковски, Вучидолов, Лазаревски, Радевски, Петровски, Џорлев, Николовски, Јоциќ, Јелисавчиќ, Велковски, Дончевски.

За две години колку што играше за Вардар Јелисавчиќ има одиграно во  неговиот дрес 23 првенствени и 61 пријателски средби. Има постигнато 83 гола, од кои 18 првенствени. Во 1958 година го напушти Вардар и замина за Австралија.

Милорад Јоциќ беше големо засилување за Вардар за кого одигра 27 првенствени и 70 пријателски средби постигнувајќи 21 гол. За жал поради потешка повреда на коленото мошне рано ја заврши кариерата и се врати во Крагуевац каде ги направил првите фудбалски чекори во домашниот Раднички од каде замина за Црвена звезда.

Во Скопје се ожени со една од подобрите кошаркарки  на Вардар во тоа време Нада Патрногиќ. Интересна е и тажна приказната како починал Јоциќ. Заминал со сопругата за Белград за да на аеродромот Сурчин го пречека синот, инаку шампион на Југославија во боди билдинг кој живеел во Лондон и неговиот внук првенец кого го немал видено, освен на фотографија. Во моментот кога синот со внукот, по царинската контрола со доближил до татко му, Јоциќ доживеал тежок инфаркт и на лице место починал, не успевајќи да го прегрне саканиот внук. Тоа е човечка судбина, која на никого не би  му ја посакале.

Владо Зеленика

Можеби ќе биде интересно кој беше првиот фудбалер од Босна и Херцеговина кој има заиграно за Вардар. Тоа беше „бомбардерот„ на  Вележ од Мостар, корпулентниот Владо Зеленика. Вардар очекуваше многу од него, но неговата авантура во Скопје беше куса. Само два првенствени меча, пет пријателски,  со седум постигнати гола. Дојде, не се наигра и си замина. По него Вардар го ангажира Драган Лакиќ, голем борец, играч кој сепак остави траги во Вардар одигрувајќи во неговиот дрес 90 натпревари, од кои 52 првенствени. Има постигнато вкупно 51 гол. Лакиќ во Вардар дојде од Рудар од  Алексинац.

Играше со генерацијата на Вардар од шеесеттите години: Милошевски, Вучидолов, И.Мојсов, Поповски, Дојчиновски, Божиновски, Цветаноски, Лакиќ, С.Мојсов, Ковачевски, М.Спасовски.

Ќе се  потрудиме нашите читатели да ги потсетиме за познатите фудбалски имиња од поранешна Југославија кои го носеле дресот на  Вардар, во некои следни продолженија, јасно со нивна помош доколку испуштиме некое име, бидејќи  бројката не е мала.

М.Мицковиќ

Се вчитува...