Интересна идеја: „Милионерите“ ќе ги наградуваат навивачите кои нема да користат телефони за време на натпреварите

Германскиот бундеслигаш, Борусија Дортмунд, започна иницијатива со која сака да ги поттикне навивачите за време на натпреварите да не користат мобилни телефони, нудејќи попусти за купување на дресови и други клупски производи.

Навивачите кои се заинтересирани за иницијативата, ќе можат доброволно да активираат специјален режим во клупската апликација со која ќе се следи колку често го отклучуваат телефонот за време на натпреварот.

Паузата помеѓу двете полувремиња нема да се смета, а луѓето кои ќе учествуваат во оваа иницијатива ќе добиваат бодови во зависност од тоа колку ги користат своите мобилни телефони. Со секое ново отклучување на мобилниот телефон ќе се одземаат бодови, а најуспешните ќе добијат награди.

 

 

Иницијативата започнува утре на дуелот на Борусија против Ајнтрахт, а ја поддржува и тренерот на екипата, Нико Ковач.

„Јас веќе забранив користење мобилни телефони за време за заедничкиот оброк пред натпреварот, но немам проблеми играчите да ги користат во соблекувалната или во автобусот. Исто така немам проблеми ниту со носење на слушалки, играчите се доволно возрасни за да знаат што им е потребно за се подготват за натпреварите. Мислам дека од време на време, сите треба помалку да гледаме во нашите телефони“, вели Ковач.

Борусија Дортмунд не е прв тим во Германија кој се обидува да ги натера навивачите помалку да ги користат мобилните телефони за време на натпреварите.
Херта Берлин пред неколку недели соопшти дека забранува комерцијално произведени видео содржини од нејзините натпревари, а на навивачите им овозможува да снима и фотографира за сопствена употреба. Слична иницијатива најави и Динамо Дрезден.

Се вчитува...