Жалгирис реши да го врати во своите редови Кинан Еванс, отповикувајќи го одличниот американски поентер од позајмицата во тимот на Лондон лајонс.
Литванскиот гигант летово го потпиша Еванс на договор на една плус една година, по што го испрати во Лондон како тим каде би имал поголема минутажа за да влезе во ритам по тешките повреди што ги имаше Американецот. Тој играше сосема солидно за овој тим во Еврокупот, но во ситуација кога Жалгирис повторно остана без Вилијамс Гос беше донесена одлука Еванс да биде вратен во Каунас.
Еванс најдобрите моменти во Евролигата ги мина токму во Жалгирис, во просек постигнувајќи по 17,3 поени за литванскиот тим. Следеше трансфер во Олимпијакос, но и две исклучително тешки повреди, првата на лигаментите на коленото, втората на тетивата и тоа на евролигашкиот камбек на Кинан.
Тоа беше причина грчкиот гигант да не му понуди нов договор по истекот на актуелниот, но Жалгирис реши да ризикува и му понуди соработка на одличниот американски поентер. Останува да се види во каква форма се наоѓа Еванс, чија помош ќе биде особено драгоцена во Евролигата каде Жалгирис не ја почна сезоната согласно очекувањата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
