Ракометарите на Охрид вечерва со дуелот на домашен теерен против Спор Тото од Турција ја почнуваат одбраната на европскиот трофеј освоен минатата сезона, кога „сино-белите“ се закитија со пехарот во ЕХФ Европскиот куп.
Тимот предводен од Борис Ројевиќ не крие дека и во новата сезона атакува на трофејот во ова натпреварување, а првата пречка не би требало да биде никаков проблем, уште повеќе ако се знае дека турскиот тим се согласи двете средби да ги игра во Охрид, па по денешниот прв дуел, реваншот ќе се игра веќе утре, повторно во 18.30 часот во салата „Билјанини извори“.
И квалитетот и искуството се на страната на македонскиот суперлигаш, кој сепак ќе треба улогата на фаворит да ја потврди и на теренот.
„Подготвени сме за овие два натпревари. Знаеме дека ќе биде тежок предизвик, но веруваме во себе и во нашиот тим. Ќе се бориме заедно, ќе дадеме 100% на теренот и ќе дадеме се од себе за да го постигнеме посакуваниот резултат, изјави Јапонецот во редовите на ГРК Охрид, Шуичи Јошида.
Вечерашниот натпревар ќе биде директно пренесуван на ТВ Арена М3 Премиум.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
