Фудбалерите на Шкендија како лидери влегуваат во новиот дерби дуел со Вардар, откако во првиот круг од сезонава на гостински терен веќе ги совладаа скопските „црвено-црни“.
Големата предност во меѓувреме се истопи и сега изнесува само три бода, што го прави утрешниот дерби дуел уште позначаен. Во таборот на Шкендија владее оптимизам, особено по враќањето на неколкуте повредени фудбалери кои ќе му бидат на располагање на тренерот Положани.
„Секако дека е многу важно да бидеме комплетни. Во последните седмици можеби ни недостигаше малку самодоверба и победнички дух, загубивме бодови каде што не требаше, но тоа веќе го оставивме зад себе. Целосно сме фокусирани на преедизвикот пред нас, на дербито со Вардар, целиот тим е подготвен за она што ја чека Шкендија. Сите сме подготвени, дали ќе бидеме стартери или ќе почнеме од клупата, ментално сме 100% подготвени за ова големо дерби“, изјави голманот Бабукар Гаје, кој исто така се мачеше со повреда, но успеа да се врати во тимот на тетовци.
Според него, поддршката од трибините што фудбалерите на Шкендија ќе ја добијат ќе биде драгоцена за тетовци да стигнат до посакуваниот резултат.
„Секогаш е добро кога ќе ја имаш поддршката од трибините, без разлика дали мечот е побавен или поинтензивен. А особено кога станува збор за дерби дуелите, навивачите можат да бидам огромеен плус, нашите фанови секогаш се фантастични на овие натпревари и верувам дека тоа ќе биде случај и овојпат. Сепак, на крајот се ќе зависи од нас и од она што ќе го покажеме на теренот, верувам дека ако играме како што знаеме, тие ќе навиваат од срце и на крајот заедно ќе уживаме во победата“, оптимист е искусниот голман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
