ТАЈМАУТ: Маѓепсаниот круг во кој е заглавена македонската кошарка

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Македонија одигра уште две квалификациски средби за Евробаскет 2025, претрпувајќи два пораза од Литванија, која и со „втора постава“, со само еден евролигашки играч во тимот (Лекавичиус, кој има минимална минутажа во Жалгирис) два пати двоцифрено славеше над нашиот национален состав. Уживање беше да се гледа во живот симултанката на Димитријевиќ во Клаипеда, за која Литванците му се поклонија на нашиот голем ас, со громогласен аплауз поздравувајќи го по повредата поради која не можеше да продолжи, па го заврши дуелот со „само“ 43 постигнати поени.

Нено лесно ќе стигнеше и до 50 ако не беше повредата, нашиот пораз немаше да биде така убедливи „минус 22“, но разликата во кошарката меѓу двете земји е преголема за да се брои со кош-количникот од овој двомеч. Во Литванија кошарката е Спорт број 1 и заслужено се наоѓа на пиедесталот, да не се лажеме, ниту тоа ниво нема да можеме никогаш да го достигнеме, но барем можеме да го запреме падот на кој сведочиме од година во година…

И најлесно од се е да покажеш со прстот кон федерацијата, но суштината на проблемот е многу, многу подлабока…

  • Затоа што ние (македонски клубови, репрезентации, новинари) се доведовме во ситуација да се „радуваме“ на секоја топла сала во која ќе се најдеме, без разлика дали е тоа Нови Сад, Сомбор, Клаипеда… затоа што заборавивме како тоа изгледа во нашата земја.
  • Затоа што кај нас сезоната почнува во октомври, а ако сме искрени, треба да биде прекината во средина на ноември и да продолжи во март, ако се мисли на здравјето на спортистите. Секако дека никогаш нема да се случи, но проблемот е што не само што состојбата не се подобрува, туку од година во година е се полоша.
  • Затоа што кај нас на огромното мнозинство во клубовите им е полесно да покажат со прстот кон некој друг, наместо да го стават на чело и да увидат дека нешто не оди, наместо да се задоволат со дел од државниот профит на „златната акција“ наречена ваучер.
  • Затоа што „фејсбук-стручњаци“ си земаа за храброст да критикуваат играчи како Војдан, Дамјан, Бојан Крстевски… кошаркари што можат слободно и комотно да ги следат средбите дома пред ТВ, но секогаш се тука за Македонија, да помогнат и кога сме со најистенчен ростер.. И за тоа, треба сите да сме им благодарни…
  • Затоа што по еден онаков меч како на Димитријевиќ во Литванија, се најдоа стручњаци истакнувајќи дека ќе сме минеле подобро во Клаипеда ако нашиот најдобар кошаркар повеќе ги разигрувал соиграчите…
  • Затоа што двата најголеми бренда во мак-баскетот, МЗТ Скопје и Работнички се „кираџии“ без своја сала.
  • Затоа што една од ретките сали во која има перфектни услови, на КК „Блокотехна“ во Гевгелија (клубот не постои, но салата е перфектно одржувана до ден денес) зјае празна, а човекот кој вложи толку многу пари во кошарката со години и години наназад, сега не знаеме како да го вратиме назад, поради лични суети и каприци.
  • Затоа што „Децата“ веќе одамна не се деца, но кај нас млад играч се опишува и некој со 25-26 години.
  • Затоа што во 2018 предводени од селекторот Јованчев со М-16 репрезентацијата обезбедивме влез во А-дивизијата, огромен успех во тоа време, а ниту еден играч од таа селекција сега не е дел од А-репрезентацијата.
  • Затоа што во 2023 бевме второпласирани и во влеговмево А-дивизија во М-20 предводени од селекторот Василев, а една и пол година подоцна ниту еден од овие таленти не се најде меѓу кандидатите за двомечот со Литванија.
  • За „Децата“ од М18 што летово беа први на шампионатот во Скопје и влегоа во елитното друштво – иста приказна.
  • Деца и таленти имаме, барем до таа пред-сениорска возраст, но нашиот проблем отсекогаш бил тој премин од младинска во сениорска кошарка.
  • Тренерите многу често знаат да се пофалат „ова е мое дете“, но кој од нив вистински дал шанса на млад играч. Онака, вистински, не само да го игра, туку да му даде улога, одговорност, сериозна задача… Да се даде шанса на млад играч е едно, но да се истрпат тие „деца“ и при нивните грешки (кои се неизбежни во целиот процес), тоа е оној тешкиот дел во целата приказна. И крај тој тежок дел, сведоци сме на лига со бројни кошаркари од над 35 години со сериозна минутажа, многу поголема од оние на младите играчи од дваесетина години.
  • Да не се разбереме погрешно, проблемот е многу подлабок од обичен тренерски или селекторски избор, затоа што и времињата се сменија, со нив и навиките на оние помлади играчи кои сега лесно се задоволуваат со добра плата,  во клуб каде ќе се заковани на клупата.
  • Наместо да бидат во тим каде ќе „гризат“ и ќе играат по триесетина минути, со потенцијал да прерасне во врвен играч за македонски услови, нашите млади репрезентативци се „релаксирани“ со потпишан договор со некој од „брендовите“, иако се свесни дека тешко ќе дојдат до минути крај скапо платените странци.
  • Голем дел од клубовите се незадоволни од висината на овогодинешниот ваучер. Секако, финансискиот удар е огромен, ама нека биде искористен како „будење“, за повеќе инвестирање во домашниот производ, кој на долг рок секако е далеку подобра инвестиција од менување на странци, не само од година во година, него веќе и од месец во месец.
  • Овие клубови, голем дел од нив земаат пари и од државата (преку ваучерот) и од општинте каде припаѓаат, па во таква ситуација, мора од нив да се бара, дури и инсистира – огромното мнозинство од буџетите да ги насочат кон македонскиот бренд во самиот спорт. Затоа што, македонски народни пари за странци што се менуваат како чорапи, тоа го има само кај нас и на ниту едно друго место…

Сето ова горенаведено не е ништо ново, ситуација што се повторува од година во година -нови екс-таленти што заминуваат во заборав, стручњаци што се силат на тастатура а се далеку од реалноста, клубови без долгорочен план за развој, директори (чест на исклучоци) што секоја година трошат повеќе пари отколку што имаат на располагање, но не им пречи да должат, затоа што некој тоа им го дозволува, тренерска тактика „Дај му ја топката на Американецот, нека прави што сака“ кај речиси сите прволигаши, тинејџери на кои љубовта кон кошарката и исчезнува до 20. Година, свесни дека просперитет во таа приказна – нема. Затоа што, тоа е маѓепсаниот круг во кој е заглавена македонската кошарка, со години и години наназад.

Свесни за сето ова се и во федерацијата, во моментов во куќата на кошарката се луѓе кои минале се и сешто како играчи, кои знаат како „било во нивно време“, но истовремено се и свесни дека тоа нема да се повтори. Затоа што, времињата се смениле…

А колата оди надолу, затоа што никој нема агресивен пристап – дека нешто мора радикално да се менува. Историјата кажува дека диктирање на услови врз клубовите е нешто за што многу брзо следува „пуч“ против претседателот, затоа што напуштање на комфорната зона е нешто што не сакаат да го сторат ниту директорите во прволигашите, ниту челниците на „куќата на кошарката“.

„Војна“ не би им била во корист ниту на едните, ниту на другите, затоа карванот си врви, за голем дел од проблемите сите се свесни, но никој не покажува храброст истите да бидат решени. Промените во федерацијата се нешто за што долго гласно се шепоти, но без разлика дали ќе се случат и ќе дојде ново раководство, едно мора да биде јасно… Без коренити промени во пристапот, без разлика дали на овие челници или евентуално на нивните наследници, нема да се мрднеме ниту сантиметар нанапред… Напротив, ќе продолжиме да тонеме во потпросечноста, заборавајќи кога последен пат сме играле на еден сениорски Евробаскет, а најголем успех ќе ни биде влез во некоја младинска А дивизија, со деца кои неколку години подоцна ќе бидат „изџвакани и исфрлени“ од системот.

Ете, тоа е нашата македонска кошаркарска реалност, која толку многу посакуваме да се промени, но само на зборови, а без вистински дела остануваме закопани во неа…

И уште една идеја за крај, ако веќе слоганот на новото Министерство е спортот за спортистите – нека тргне и иницијатива – сениорските репрезентации во Топ-спортовите во рангирањето (ракомет, кошарка и одбојка) нека добијат чартер-летови за оние 3-4 гостувања што ги имаат во текот на една календарска година. Толку веројатно може да се покрие, за самите спортисти да се почувствуваат испочитувани од државата чии бои ги бранат, и во победи и во порази, но секогаш со срце за Македонија.

Се вчитува...