Турција декласирана, Македонија е на СП!

Македонија ќе биде дел од Светското Првенство за младинцки што следното лето ќе се игра во Алжир, откако нашиот млади ракометари славеа убедливо во последниот дуел со Турција (39-19). Пред мечот можеби превисоки делуваа оние 19 гола со кои мораше да се слави за да се стигне до мундијалски билет, но избраниците на Илија Темелковски одговорија на предизвикот, со извонредниот Шилегов во првото полувреме и беспрекорната одбрана на чело со голманот Даниловски во вториот дел стигнувајќи до преубедлива победа што значи и пласман на мундијалот.

Натпреварот го почнавме во грч, пред се со слаба игра во одбраната, овозможувајќи им на гостите да постигнат четири гола во првите десет минути (7-4). Падот во концентрацијата во нашиот напад им овозможи на турските младинци да стигнат до два гола разлика (11-9), но потоа Македонија конечно влезе во посакуваниот ритам. Предводени од извонредниот Шилегов „црвено-жолтите“ набрзина ја зголемуваа предноста, па стигнаа до „плус девет“ (22-13). Шилегов изнуди и пенал и исклучување во последната минута од полувремето, но Димитриоски не го искористи седмерецот и на полувреме се замина со девет погодоци разлика за Македонија. Во овие триесет минути прв играч беше Шилегов со девет гола, додека капитенот Талески имаше четири гола и неколку успешни асистенции.

IMG_1382

Вториот дел го почнавме со десеттиот гол на Шилегов, за прва двоцифрена предност од 23-13. Во ритам влезе и Талески, кој постигна четири гола во низа на стартот од второто полувреме, па во 37. минута резултатот гласеше 28-14. Добриѕе одбрани на голманот Даниловски ги натераа Турците да влезат во серија грешки, па Македонија на 20 минути до крајот имаше 16 гола предност (30-14). Серијата продолжи, па откако во првите 14 минути од полувремето Турција даде само еден гол (серија 10-1 за Македонија) гостинскиот селектор побара тајмаут.

Ниту тоа не ги запре налетите на Македонија, па во 48. минута со голот на Велковски дојдовме до посакуваните „плус деветнаесет“ (34-15). При овој резултат не реализиравме и пенал, па во следниот период разликата се движеше меѓу 18 и 19 гола. Во вистински момент во ритам влезе пивотот Арсеновски, кој со два погодоци донесе прво водство од „плус дваесет“ (38-18), потоа погоди и Талески за 39-18 и конечно разрешување на дилемите околу патникот во Алжир. Последните неколку минути ги одигравме мирно, на крајот заслужено триумфирајќи со 39-19, резултат што значи и пласман на Македонија на претстојниот младински мундијал.

Шилегов беше прв стрелец со десет гола, пред Талески со девет, додека на голот одличен беше Даниловски со 13 успешни интервенции.

Се вчитува...