ВЛМ: Дербито на колото за Чаир, Феникс останува на врвот

Изминатот викенд на терените ширум Македонија беа одиграни пет натпревар од предвидените десет во второлигашката конкуренција по кои на Феникс го зацврстија своето место на врвот на „Истокот“, додека Чаир го осигура првото место во групата „Запад“.

Во групата „Исток“, Феникс славеше над Ролинг 08 со 54-84. Гостите од Скопје го наметаа своето темпо во текот на целиот натпревар, во првата четвртина имаа предност од 18-24, додека веќе до полувремето истата ја зголемија на +19 (31-50). Второто полувреме не донесе промени на паркетот, избраниците на Дервишевиќ во третата четвртина одиграа одлично во одбранатра каде дозволија само седум поени, нападот функционираше одлично па постигнаа 22 и заминаа на предност од 38-72 со што последната четвртина беше само формалност.

Србиновски беше предводник на гостите со 21 поен, Богатиновски додаде 15, додека како двоцифрен со 14 поени натпреварот го заврши Хот.

Од истата група беше одигран уште дуелот помеѓу Борец Баскет и Куманово 2, во кој домаќините забележаа убедлив триумф од 92-50. Од оваа група беа одложени натпреварите помеѓу МКК Куманово и Баскет КАМ, Шкупи и Струмица и Про Баскет и Ангели.

Во групата „Запад“ со триумфот на гостувањето против Охрид до 61-64, Чаир 2030 речиси го осигура своето место на врвот на табелата. Пелистер Медика Карта ја оправда фаворитската улога со триумф над „фенерџијата“ Спорт Тим од 90-74, додека Тетекс стигна до четвртата победа во низа откако славеше на гостувањето кај Спарта со 57-63.

Од оваа група одложени беа средбите помеѓу Хераклеа и Партизан Водно Санс, и Риниа – Мега Баскет.

 

Се вчитува...