ВЛМ Плеј-оф: Чаир 2030, Ангели и Феникс 2010 на чекор до полуфинале

Во првите четвртфинални натпревари од разигрувањето за титула во Втората лига, Чаир 2030, Ангели и Феникс 2010 ги оправдаа фаворитските улоги и поведоа со 1-0 против своите противници.

Во првиот натпревар кој беше одигран денеска, Чаир 2030 стигна до победа од 80-73 над екипата на Борец Баскет. Домаќините одлично го започнаа натпреварот и бргу стигнаа до двоцифрена предност па гостите од Велес постојано ја бркаа негативата. Избраниците на Бојчев со подобрата игра во втората четвртина успеаја да стигнат до заостаток од еден напад до полувремето (39-37) со што наговестија неизвесен натпревар во вторите дваесет минути. Чаирчани повторно имаа шанса да се „одлепат“ во третата четвртина, но Борец Баскет навремено ги консолидираше своите редови па следеше играта во мини серии со неколку смени на водството која траеше се до последните три минути од натпреварот кога со две тројки во низа домаќинот го одлучи победникот.

Ангели до предност во серијата против Тетекс стигнаа со комотна победа од убедливи 97-53. Гостите од Тетово беа рамноправен противник само во првите седум минути од мечот по што искусните играчи во „зелено-бело“ ги земаа работите во свои раце. Домаќините на почетокот на втората четвртина стигнаа до двоцифрена предност, која на полувремето изнесуваше +20 (46-26). Добриот ритам на составот на Георгиевски продолжи и во второто полувреме со што разликата на крајот на натпреварот изнесуваше +44.

Без проблеми во водство од 1-0 во четвртфиналната серија стигна и тимот на Феникс 2010 кој го доби дуелот против Хераклеа со 88-64. Скопскиот тим текот на натпреварот го назначи од самото отварање, а на полувремето резултатот гласеше 41-29. Избраниците на Дервишевиќ не се опуштија, продолжи во исто темпо и стигнаа до убедлива победа.

Во последниот натпревар од првата четвртфинална рунда, Партизан Водно Санс ќе го пречека составот на Шкупи. Овој натпревар беше закажан за утре со почеток од 18 часот, но истиот ќе биде одложен поради задолжителните ПЦР-тестирања пред самите средби како нова мерка на Владата во борбата против коронавирусот.

Се вчитува...