Бразилските фудбалери традиционално се познати по нивните вештини со топка, но на вчерашниот меч помеѓу Виторија и Бахија фудбалерите повеќе се обидуваа да ги покажат своите боречки вештини.
Инцидентот се случи кон стартот на второто полувреме откако фудбалерот на Бахија, Винисиус го изедначи резултатот на 1-1 преку пенал, па одлучи да го прослави голот провоцирајќи ги навивачите на противничката екипа. На домашните фудбалери воопшто не им се допадна тоа, па одлучија физички да се пресметаат со стрелецот на погодокот. Во обид да го одбанат својот соиграч, настана тепачка на теренот, мешаницата се смири дури по осум минути.
Судијата немаше избор туку да исклучи пет фудбалери на гостите од Бахија, додека три црвени картони додели на играчите на Виторија. Мечот продолжи да се игра, но дваесетина минути подоцна главниот арбитар им покажа уште два црвени картони на фудбалерите на Виторија па така мечот мораше да се прекине во 79. минута.
Имено, овие две екипи се сметаат за најголеми ривали во северниот дел на Бразил, па и не е некое изненадување што фудбалерите така лесно се испровоцираа и без многу размислување се фрлија во „оган“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА