Вечерва во „Литература.мк“ во Дајмонд Мол во Скопје, промовирана првата авторизирана биографија на најголемиот македонски фудбалер во историјата, Дарко Панчев, а која е авторство на доајенот на спортското новинарство Зоран Михајлов, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
На промоцијата, која мина во огромен интерес од бројни домашни спортски работници, медиуми, неговите најмили поддржувачи сопругата Маја и ќерките Надица и Марија, но и бројни фанови на македонската „Кобра“, беа присутни и неговите соиграчи од славните вардарови генерации Илија Најдоски, Вујадин Станојковиќ, Пепи Георгиевски, Кочо Димитровски, но и Васил Рингов кој беше еден од промоторите на книгата заедно со проф. д-р Љубомир Кекеновски како и уредничката Бисера Бендевска.
Присутни беа и бројни домашни стратези и актуелни фудбалери меѓу кои и селекторот Благоја Милевски, како и тренерот на АП Брера, Горазд Михајлов, кошаркарскиот тренер Емил Рајковиќ како и македонскиот олимписки шампион Шабан Трстена.
„За мене е огромно задоволството од еден ваков интерес за пишаното биографско издание, кое верувам ќе сведочи за бројни идни генерации како инспирација и мотив од нула да се стигне до ѕвездите. Секој може да го живее својот сон, секој треба да верува во своите цели затоа што може да ги достигне, е поентата на оваа книга со која сакаме да го мотивираме секој млад човек“ – истакна Дарко Панчев.
Во изданието, Михајлов открива познати и помалку познати случувања, факти и анегдоти за Панчев, за неговиот подем, за постигнувањата и за неговата личност, почнувајќи од неговото детство, преку ангажманите во ФК Вардар и ФК Црвена звезда, па се до европската фудбалска авантура.
„Македонската Кобра, како што го знаат нашиот Дарко Панчев лаиците и оние поупатените, го разбранува фудбалскиот свет во своето време и на величествен начин – од Вардар преку Црвена звезда – во 1991 година стигна до титулата прв стрелец на Европа, освојувајќи ја ’Златната копачка‘ на популарниот ’Екип‘ и на брендот за спортска опрема ’Адидас‘. Со 34 постигнати гола и со освоените титули со Звезда – европски и светски клупски првак, и ’Сребрена топка‘ во изборот на реномираниот француски спортски весник ’Франс фудбал‘ за втор најдобар играч во Европа, иако според мнозинството од фудбалскиот свет ја заслужил ’Златната топка‘ – Панчев стана една од најинтересните фудбалски појави, не само на Стариот Континент, туку и во светот“ – вели Михајлов во книгата.
Во книгата е поместен избор и од 40 фотографии од приватната архива на Панчев, кои прикажуваат важни моменти од неговата кариера и од неговиот живот. Публикацијата е збогатена и со искази за Панчев од челниците и легендите на Звезда, од неговите соиграчи, современици, претставници од спортската и од научната фела.
„Кога работевме на книгата и се навраќавме во минатото, на Дарко најубавите сеќавања му беа кога беше дете и кога на улица правеа голови од камења. Ми кажа дека медалот освоен во Прилеп, на Пионерска олимпијада во фудбал му е еден од најдрагите трофеи во животот. Оваа биографија што ја подготвував со задоволство, буквално ќе ја долови кариерата на нашиот најдобар фудбалер. Колку тој беше ценет и почитуван од своите колеги, а и од легендите во другите спортови, ќе имате можност да прочитате низ овие редови, што ќе останат како документ за една знаменита македонска личност. Тој беше вистински афирматор на својата земја, затоа што преку него и неговите постигнувања многу луѓе во светот дознаа за Македонија. И до денес, Панчев е единствениот Македонец кој успеал да освои две високи индивидуални признанија во својот спорт, „Златната копачка“ и „Сребрената топка“ – во изборот за најдобар фудбалер на Европа. Затоа, името Дарко Панчев е врежано со златни букви во нашата фудбалска и национална историја“ – рече Зоран Михајлов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА