Ракометарите на Е. Пелистер го доживеаја вториот пораз во групната фаза во Лигата на Европа на ЕХФ, прв на гостински терен.
Битолчани се поразени на гостувањето во Германија кај Гумерсбах со 38:28.
По три гола во Лигата на Европа, Е. Пелистер има само еден освоен бод од ремито во Вибжеже (31:31), а освен вечерва, битолчани загубија и во првото коло и тоа пред своите гледачи од Ла Риоха (24:31).
Најдобар во редовите на германскиот тим беше Алекс Душебаев кој четири години го носеше дресот на Вардар (2013-2017) и со кого триумфира во Лигата на шампионите пред девет години. Душебајев постигна девет гола, а имаше и шест асистенции.
Воведните минути од натпреварот поминаа во израмнета игра, домашниот тим имаше еден до два гола предност во првите 18 минути. Потоа следуваше серија на Гумерсбах од 4:0 за две минути со која поведе до 14:9 во 20-та минута.
Со негатива од пет гола, Е. Пелистер замина на одмор (20:15).
Дилемите околу победникот беа разрешени во првите десетина минути од второто полувреме кога Гумерсбах со нова серија од четири гола едноподруго поведе со 26:18.
До крајот на натпреварот, играчите на Гумерсбах продолжија да ги казнуваат грешките на битолчани, дојдоа и до двоцифрена предност (33:23) и рутински го привршија натпреварот за конечни 38:28.
Најпрецизен во редовите на Е. Пелистер беше Филип Кузмановски со седум постигнати голови. Кај Гумерсбах, освен Душебајев, Хорзен и Никола Рогановиќ дадоа по шест гола.
Во следното, четврто коло, во групната фаза во Европската Лига кое ќе се игра на 17 ноември, Е. Пелистер во салата „Боро Чурлески“ ќе има можност да му се реваншира на Гумерсбах за денешниот пораз.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
