Втора лига: Ангели преку МЗТ Скопје 2 до полуфинале

Скопскиот второлигаш КК Ангели е третиот патник (по Куманово и Шкупи) во полуфиналето од плејофот во ова натпреварување откако клубот од општина Кисела Вода со максимални 2-0 ја доби четвртфиналната серија против вториот тим на МЗТ Скопје.

По првиот триумф на домашен терен, кошаркарите на тренерот Гацов денеска беа подобри и на гостувањето во Аеродром, триумфирајќи со 63-66. Дуелот беше израмнет, Ангели и на полувреме имаа предност што ја задржаа до крајот и заслужено се радуваа на победата. Ангел Стојанов беше најефикасен во победничкиот тим со 15 поени, еден помалку постигна Арсовски, додека Павел Атанасов беше одличен под обрачите со 11 скокови.

Следен противник на КК Ангели ќе биде тимот на МКК Куманово, кој со максимални 2-0 ја доби серијата против Мега Баскет.

Во второто полуфинале веќе се наоѓа Шкупи по триумфот од 2-0 во четвртфиналето со Борец Баскет, а скопскиот тим за ривал во полуфиналето го очекува подобриот од серијата меѓу Маџари и Соколи во која Маџари има предност од 1-0 во победи.

Се вчитува...