Гостиварци оптимисти: Сакаме повторно градот да живее за кошарка

Кошаркарскиот клуб Гостивар по долга пауза се враќа во елитното друштво на домашната сцена. Гостиварци активираа дел од „домашните сили“, ангажирајќи го Младен Ѓуроски за тим-менаџер и Марјан Србиновски за нов шеф на стручниот штаб, се со цел оваа екипа во одлично светло да се претстави при настапот во Првата лига.

Мојот мотив за враќање во кошарката на оваа позиција на која сум сега е пред се структурирање на млади кадри во Гостивар и враќање на клубот на патеките на кои бил некогаш. Тоа планираме да го направиме со темелна работа, резултатите од оваа поставеност не ги очекуваме веднаш и сега. Ќе треба да се мине трнлив пат и да мине извесно време за да се најдеме на патеката на која треба да биде овој кошаркарски клуб. Мислам дека со луѓето кои се сега во клубот и подддршката од градот сме на добар пат за остварување на оваа цел – да продуцираме кадри не само добри на клупски план, туку и за репрезентативно име. Сакаме да го вратиме Гостивар како кошаркарски град, затоа поставуваме ваков постулат на клуб каде секој ќе ја знае својата работа. Би сакал да се заблагодарам јавно на сите оние кои дале несебичен придонес за тимот да влезе во Првата лига, да не биле тие ние немаше да бидеме онаму каде сме сега“ – изјави новиот тим-менаџер на Гостивар, Младен Ѓуроски.

Тој потенцираше дека амбициите во првата година не се атак на највисок пласман, туку на поставување на клубот на здрави темели, за да може да функционира уште долги години.

Нашите амбиции за сезонава се да поставиме цврсти темели на здрав клуб. Не сакаме да се осврнеме на инстант проекти во кој се земаат играчи, се трошат парите и клубот згаснува. Ние можеме да ветиме дека ќе работиме добра работа, продукцијата на млади кадри ни е во прв план. Нашата цел во моментов е поставување на цврста основа на клуб кој ќе функционира успешно и во иднина“ – истакна Ѓуроски.

Неизвесно е дали салата „Младост“ ќе биде подготвена со поставување на подлога за самиот старт на следната сезона, резервна опција останува настап во Маврово, но раководството на клубот е убедено дека во текот на сезоната гостиварци ќе можат да ги бодрат своите миленици во кошаркарскиот храм на овој град.

Спортската сала Младост е кошаркарски храм во кој се славени титули, целта е единствена – кошарката ќе се врати во оваа арена. Доколку евентуално се најдат технички потешкотии, во тој случај клубот има алтернативни решенија. Повторувам – кошарката во текот на оваа сезона ќе се врати во спортска сала Младост“ – изјави Димитар Спасеновски, претставниот на УО на денешната прес-конференција.

Тренерот Марјан Србиновски не го криеше задоволството што се враќа во родниот град, овојпат како тренер на кошаркарскиот прволигаш.

„Благодарност до управата на КК Гостивар што ми овозможи да биде дел од овој проект. За мене е огромна чест што сум повторно дел од овој клуб, од овој град, целта е да ја вратиме старата слава на КК Гостивар. Не се двоумев по една ваква понуда и сериозен концепт, она што можам да го ветам е максимално залагање, на стручниот штаб и на сите играчи. Целта ни е со една таква посветеност да ја вратиме публиката во Гостивар, сакам повторно да имаме респектабилен тим и со тоа да ги привлекуваме и малите деца од нашиот град да живеат за кошарката“ – изјави Србиновски.

Се вчитува...