Челниците на Милан се повеќе жалат што прв потег по преземањето на клубот беше нов договор со тренерот Винченцо Монтела, откако „росонерите“ со многу осцилации ја стартуваа новата сезона. Вложените 200 милиони евра во нови фудбалери не носат резултати какви што управата очекува, па прв на удар е шефот на стручниот штаб.
Италијанските медиуми најавуваат дека поразот од Сампдорија би можел да биде и последен меч на Монтела на клупата на клубот од Милано, откако „росонерите“ немаа шут кон противничкиот гол за 90 минути игра. Тренерот е критикуван бидејќи упорно му дава предност на Запата (одигра очајно во Џенова) наместо да му даде шанса на Мусакио крај Борини, но и за игнорирањето на Андре Силва, кој настапува одлично во Лигата на Европа, но не добива шанса во Серија А.
Директорскиот тандем Мирабели – Фасоне веќе ја почнал потрагата по нов тренер. А најблизу до клупата на „росонерите“ моментно се наоѓа Валтер Мацари, поранешниот тренер на Интер и на Наполи кој е без ангажман откако минатата сезона доби отказ од англискиот премиерлигаш. Токму Марко Фасоне пред неколку години како директор на Интер го доведе Мацари на „Џузепе Меаца“, па тој сега повторно притиска за овој стратег да дојде и на клупата на Милан.
Според италијанските медиуми, нова рунда разговори е закажана за утре, по што ќе се знае дали Мацари би можел веднаш да го прифати предизвикот, или пак Монтела ќе добие нова шанса за спас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА