Поранешниот фудбалер на Слога Југомагнат, Балкан, Вардар… освојувач на шампионски трофеи од домашното првенство, а долгогодишен стопанственик и фудбалски работник по крајот на играчката кариера, Масар Омерагиќ се очекува на 22 декември и официјално да биде избран како седми претседател на Фудбалската федерација на Македонија, по нејзиното самостојно функционирање од 1992 година.
По повлекувањето на досегашниот прв човек на федерацијата, Муамед Сејдини, а по одржаните собранија на општинските фудбалски сојузи, и Комисијата за избори и верификација на ФФМ, по предлог на Општинскиот сојуз на Свети Николе, официјално потврди дека Масар Омерагиќ ќе биде единствен кандидат за претседател на ФФМ. Предлогот на Комисијата за избори и верификација го подржаа најголем број општински сојузи на ФФМ, па актуелните членови на Собранието на ФФМ, на 22 декември ќе го официјализираат новиот прв човек на ФФМ, се до редовното собрание кое треба да се одржи во април следната година. До тогаш сите 26 општински фудбалски сојузи ќе мора да одржат изборни собранија, да изберат нови делагати за редовното Собрание на ФФМ, со предлози и за свој претставник за нов Управен одбор по што од Собранието од следната година ќе биде избран и новиот управен одбор на ФФМ.
Двајца „фудбалски“ претседатели од вкупно шест досега, од 1992 година до денес
Масар Омерагиќ ќе биде само трет претседател на самостојната Фудбалска федерација на Македонија, почнувајќи од 1992 година до денес, со успешна фудбалска кариера зад себе, а вкупно четврти во историјата на Фудбалскиот сојуз на Македонија (од 2003 година – Фудбалска федерација на Македонија) почнувајќи од 1948 година и првиот фудбалски сојуз.
Во својата независност по основањето на самостојниот Фудбалски сојуз на Македонија, досега Македонија имала шест претседатели на ФФМ, Алексо Кипровски (1992-1993), Љубисав Иванов – Ѕинго (1993-1999), Ламбе Арнаудов (1999-2002), Харалампие Хаџи-Ристески (2002-2012), Илчо Ѓорѓиоски (2012-2018) и Муамед Сејдини (2018-2024).
Од нив, првиот со фудбалско педигре кој бил претседател на Македонија по независноста е Ламбе Арнаудов, истакнатиот фудбалер на Охрид, а потоа и на Вардар, по што кариерата ја продолжи во САД, играч кој остави голем белег во фудбалот покрај Охридското езеро.
Втор по него е Илчо Ѓорѓиоски, кој играше за Македонија ЃП, Балкан и Вардар, потоа во Израел, Турција, Шведска и Бугарија, а беше и тренер на Вардар со кого дојде до шампионската титула.
Пред нив, „фудбалски претседател“ во време на ФСМ во рамките на ФСЈ беше уште само Томче Филиповски, долгогодишен фудбалер и капитен на Работнички, во тоа време еден од најдобрите фудбалери во Македонија, кој по оваа функција стана и претседател на Фудбалскиот сојуз на Југославија.
Омерагиќ со три шампионски круни со Слога Југомагнат
На овој список на фудбалски претседатели сега ќе се најде и Масар Омерагиќ, кој беше дел од најдобрите македонски клубови на крајот од заедничките натпреварувања во поранешна Југославија, но и низ почетоците на самостојниот македонски фудбал.
Со Слога Југомагнат, под водство на тренерот Ѓоре Јовановски, Омерагиќ, во богатата кариера, има три шампионски титули во Првата лига на Македонија, а беше дел и од три финални натпревари во Купот на Македонија. Беше првотимец во извонредната генерација на Слога Југомагнат, со Гого Јовчев и Јане Николоски, со Есад Чолаковиќ, Неџмедин Мемеди, Неџат Шабани, Зекирија Рамадан, Неби Мустафи, Арџен Беќири, Зоран Мисердовски, браќата Горан и Зоран Јовановски, Арбен и Ардијан Нухиу….
Беше дел претходно и од екипата на Балкан Стококомерц, предводена од еден од најдобрите македонски тренери Зоран Мишиќ, а во состав со играчи како Љупчо Кметовски, Цено Александровски, Љупчо Рафески, Џенан Хајдари, Муарем и Музафер Салихи, Гоце Димовски, Мијалче Михајлов, Драган и Борче Томоски, Борче Христов, Феим Бегановиќ, Свето Станковски, Џемаил Зекири…
Пред крајот на кариерата Масар Омерагиќ беше дел и од најтрофејниот македонски клуб Вардар,, чиј тренер тогаш беше Вангел Симов, заедно со Едо Нурединовски, Муарем Зекир, Љупчо Маркоски-Калц, Никола Аврамовски-Коки, Горан и Саше Караџови, Ванчо Трајчов, Игор Стојанов, Саше Јанев, Драган Начевски, Александар Бајевски, Саше Крстев , Илчо Боров…
Член на УО на ФФМ од 2002 година
По крајот на играчката кариера се вклучи активно во менаџерските фудбалски води, и како член на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија во периодот од 2002 до 2006 година кога прв човек на федерацијата беше Харалампие Хаџи-Ристески.
Поради несогласување со начинот на кој се води македонскиот фудбал во тој период го напушти управниот одбор, за да сега е пред промоција на претседателската функција во ФФМ.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА