Колумна Ѓорѓе Војновиќ: Зошто треба стратегија, а не инстант-успех…

Долгогодишен кошаркарски репрезентативец, Ѓорѓе Војновиќ сега и како успешен менаџер во бизнис-секторот останува голем вљубеник, но и помагател во овој спорт. Секогаш отворен и искрен, без намера да навреди некого, тој го дава своето видување за актуелните состојби во мак-кошарката…

Кошарката не ни оди напред

Зад нас останува уште една кошаркарска година што во многу работи е слична на претходните. Ако гледаме по клубови, МЗТ испадна во АБА2, а имаме клубови и во балканската лига, која не би ја нарекол ниту меѓународно натпреварување бидејќи квалитетот е таков каков што е, иако сепак е подобра од нашето домашно првенство. Мое лично мислење е дека испаѓањето на МЗТ Скопје од АБА-лигата е најдоброто нешто што можеше да му се случи на овој клуб, за со помалку пари и без дополнителен резултатски притисок се игра во АБА2 и да им се даде шанса на македонските играчи, меѓу другото и оние помладите како Младеновски, Маслинко… Сметам дека шансата се уште ја немаат добиено доволно, во МЗТ се уште се кршат во изборот на приоритети, меѓу резултатот и иднината, но верувам дека како што ќе минува времето така и минутажата на домашните играчи уште повеќе ќе се зголемува.

Што се однесува до репрезентативните настапи, се наоѓаме во претквалификации за Евробаскет, добро е што победуваме, лошо е што со резултатскиот пад во минатите години паднавме на вакво ниво, но на победите не треба да им се гледа во заби и добро е што се враќаме во еден победнички ритам, без оглед на имињата на противниците. Не можам никако да го премолчам негативниот пример за Ненад Димитријевиќ – ако на федерацијата и значеше некаква „морална сатисфакција“ да излезат некакви си „победници“, нека им служи на чест. Добиената пирова победа од суспензија од десет дена, како порака од ФИБА дека ако веќе мора да застанат на страна на федерацијата, казната од само десет дена е јасен знак колку била бесмислена и смешна тужбата од страна на МКФ. Што ќе се случува во иднина со овој кошаркар ќе зависи само од него и од раководството на федерацијата, но бесмислено е – ние говориме за некаква си смена на генерации, а на списокот на селекторот го нема играчот кој на млада возраст ни игра во една од најсилните лиги во светот, и тоа игра многу солидно.

 

Браво за кадетите, но се останато е под просекот

За поздравување е успехот на У16 селекцијата што се пласираше во А дивизијата, но сметам дека сите останати резултати на младинските репрезетации се далеку од посакуваното ниво. За жал, овде подолго време опстојува еден систем на работа, а дали е тој добар или не се гледа од резултатите на нашите млади селекции со години наназад. Очигледно е дека нешто недостига, не треба да се биде многу паметен, може и на интернет да се најдат „Десет правила на кошарката“ на „српскиот патријарх на кошарката“ Александар Николиќ, кој многу јасно и децидно објаснува како се гради еден кошаркарски систем. Ќе издвојам само една реченица – кој треба да работи со тие млади играчи – најдобрите тренери кои треба да бидат најдобро платени. Кај нас ниту работат најдобрите, а воедно се и далеку од најплатените. Ние имаме дури и селектори што ќе ни ги водат националните селекции во наредната година, а се занимаваат со кошарка помалку од самите играчи кои се на рана возраст.

Затоа кошарката ни е таму каде што е во моментов – бидејќи во Македонија најважно е кој кај кого игра и на тој начин се прави националната селекција. Проблемот е уште посуштински бидејќи основен приход за еден тренер се членарините што ги наплаќа за да може да егзистира, бидејќи клубовите најчесто не функционираат како клубови, туку како школи. Постоеше школа со правилен систем, под името Јуниор, за која имаат настапувано дел од помладите играчи, но и играчи како Соколов, Бојан Трајковски, Грнчаров, кои биле дел од овој систем и се развиле благодарение на истиот. Тоа е нешто што функционираше добро, но повеќе го нема, сега гледам дека различни клубови се обидуваат да воспостават некој свој систем на работа, но за тоа е потребно пред се многу време, трпение и работа.

Има разлика и во пристапот на децата од овие нови генерации во однос на оние претходните. Има една фраза што важела во минатото, а подеднакво е вистинита и сега – дека во вистински играч ќе прерасне само оној кој е „гладен“, гладен за работа, тренинзи, за победи, напредок во кариерата. Многу ми е жал што морам да консатирам дека кај голем број од децата тоа не постои, па затоа и ги имаме резултатите да губиме со 50, 60, па дури и со 70 поени разлика. И тука постои дел од системот што ние воопшто не го применуваме – психологија кај млади спортисти. Кај нас таа е комплетно изоставена бидејќи се бара инстант успех, наместо да се настојува да се гради тимски дух, да се биде пример за позитивно однесување, да се најде начин за мотивација на тие деца. Се работи стихијно, како хрчак што си врти во место, а ние од тоа тркало многу тешко излегуваме. Зошто, бидејќи никој не сака да излезе од својата комфорна зона, да се вложи себе си неколку години, за потоа да го оствари успехот. Комфорната зона е да имаш најмногу деца во школата, да бидеш прв, втор или трет во младинската лига… наместо да правиш играчи во вистинска смисла на зборот.

 

Зошто странство, а не Македонија

Сведоци сме на примерот со Дино Боцевски, син на македонскиот репрезентативец Дуле Боцевски, кој сака да игра  за Србија. Ако ние не сме направиле се што сме можеле за да го задржиме Дино, тогаш неговата желба е можеби оправдана. Што значи тоа да се направи се – прво и најважно, да му се донесе врвен тренер со кој ќе работи, со кого и самото дете и неговите родители ќе забележат значаен напредок. Кога на дете од таа возраст од 12 до 14 години ќе му најдеш тренер кој навистина ќе се грижи за него и ќе го прави подобар и подобар играч, и пристапот на тие деца е поинаков. А кога од квантитетот од илјада деца ќе собереш десет такви што ќе работат со врвен и добро платен тренер, тогаш ќе направиш репрезентација.

Кај нас се гледа само инстант-варијанта, ајде да направиме некое дете „ѕвезда“ во домашните младински лиги и да го продадеме веднаш, во Ботевград или било каде на друго место. Тоа е лимитот на нашите тренери, ти кажуваат бајки и ти ветуваат трансфери во Италија и во Шпанија. Дај боже сите тие деца да успеат, но да бидеме реални, ние немаме видено никаков резултат. Тука сигурно влијание имаат и родителите, и јас амиот сум родител и во моментов размислувам поинаку, мој став е дека тука треба да ги развиваме македонските играчи. Сепа, нормално ми е и другото гледиште, ако како родител сметаш дека овде ништо подобро не може да му се понуди на твоето дете, ако самите играчи на 15-16 години ја надраснат средината и знаењето на нивните тренери – е тоа е трагедијата на македонската кошарка и на стручната фела во неа. Децата доаѓаат во овој спорт полни со љубов кон кошарката, но системот што владее таа љубов им ја убива, дел од нив потоа се откажуваат, или пак среќата си ја бараат надвор од Македонија.

Од сезонава почна да важи и ограничувањето на број на странци, што е апсолутно позитивна мерка. Краткорочно не го гледаме бенефитот ниту пак можеме да го видиме, имаат проблеми и тренерите и прволигашите поради големата генерациска празнина што се создаде од оние играчи со 30+ години, и оние генерации зад нив од кои речиси и да немаме кошаркари. За мене тоа е вистинското правило што ќе придонесе за развој на играчите, но клучно е да се истрае, да не се случи после две или три години ајде сега да го укинеме за пак да доаѓаат странци да доминираат во ростерите. Резултат во спортoт не доаѓа преку ноќ, може да ви се случи само случајна победа, но суштински резултат и стратегија се прави подолго време, тоа е она што треба да се издржи во овој период.

 

Клучот е во МКФ, дали има волја или залажување

МКФ и Агенцијата за Млади и Спорт треба да издвојат буџет за сериозни тренери кои ќе бидат ангажирани на подолг рок. Ќе каже некој носење тренери од странство значат потценување на нашите стратези – па штом секое наше малку поталентирано дете заминува во странство, тоа е доволен знак дека тие странски тренери се подобри од оние што ние ги имаме овде во моментов. Куќата на кошарката треба да направи и категоризација на школите, да се знае што значи кошаркарски клуб и какви придобивки има истиот, а што значи школа за кошарка. Клучно е дали луѓето во МКФ имаат волја да ја согледаат реалноста, да не се залажувааат и себе и јавноста со инстант резултати, да  прифатат различни мислења и добронамерни сугестии, за да може кошарката да ни тргне напред.

Се вчитува...