Шефот на стручниот штаб на Вардар, Чедомир Јаневски е задоволен од ангажманот на тројцата млади фудбалери, Тошевски, Попзлатанов и Цветановски кои пристигнаа во клубот од редовите на Пелистер.
На стартот на подготовките за пролетниот дел од шампионатот Јаневски потенцираше дека интенцијата на Вардар во иднина ќе биде сите млади таленти од Македонија да доаѓаат во црвено-црните редови…
„Добивме нови, млади играчи. Приликите се такви, и мора во иднина младите таленти низ цела Македонија да доаѓаат во Вардар. Јас сум убеден дека секоја шанса која што ќе ни се пружи за ангажман на такви фудбалери, ќе ја искористивме. Се одлучивме на таков чекор затоа што тие играчи кои ги ангажиравме во натпреварите против нас покажаа квалитет, и во договор со раководството и со некои луѓе кои што подолго време ги следат нивните настапи, се одлучивме да ги ангажираме. Сигурно дека покрај нивната младост, тие се и искусни играчи затоа што имаат по 50 прволигашки настапи во изминатите 2-3 години, што е бројка за почит, и јас очекувам со нивната работа да се наметнат и да бидат идни стандарни првотимци на Вардар. Тука сигурно ќе вклучиме и играчи од нашиот младински погон. Веќе неколку пати неколкумина фудбалери од нашата младинска школа тренираа со првиот тим, и сигурно дека ќе сметаме и на фудбалери од нашата Академија“ – рече шефот на стручниот штаб на Вардар на почетокот од подготовките, притоа соопштувајќи ја пред фудбалерите и програмата за работа низ зимскиот период.
„Во првите денови од подготовките ќе ги направиме потребните физички тестови на играчите, и тоа ќе почне од утре. Тука сме до вторник, кога заминуваме во Анталија каде што ќе го одработиме оној главен дел од подготовките и ќе играме пријателски натпревари. Нашата цел е и во оваа 2018 година повторно да освоиме трофеј. За да го направиме тоа треба многу добро да се подготвиме, затоа што пролетниот дел го почнуваме со негатива од осум бодови, меѓутоа пред нас се уште 18 натпревари. Затоа е важно подготвени да го дочекаме пролетниот дел од сезоната“ – изјави Јаневски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА