Шкупи и официјално денеска го промовираше Благоја Љамчевски како прво засилување за пролетниот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига.
Претседателот на Шкупи, Омер Буњаки официјално го потпиша договорот со 30-годишниот Љамчевски кој треба да биде големо засилување за тимот оваа година. Љамчевски зад себе има три шампионски титули и три титули во Купот на Македонија.
„Ова е само прво засилување во овој преоден рок. Сакаме да донесеме и други искусни фудбалери кои квалитетно ќе го засилат тимот. Секако не сакаме да брзаме со потписите, планот е да се изгради максимално конкурентен тим за прволигашки настап. На вистинскиот пат сме, па продолжуваме во ист ритам“ – истакна Буњаку по денешното потпишување на договорот со Љамчевски кој на подготовките на тимот треба да се приклучи од среда.

А, според последните информации Шкупи е на добар пат да го ангажира и досегашниот дефанзивец на Работнички, Амир Билали кој треба да биде замена за Седат Бериша кој, пак, ја продолжи кариерата во албанскиот прволигаш Влазнија. Тимот од Чаир претходно го напушти и Фисник Зука кој потпиша за албанскиот Фљамуртари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

