Торино е подготвен да тргне во тотална офанзива по Илија Несторовски, се со цел да го доведе македонскиот голгетер во своите редови на самиот почеток на јануарскиот преоден рок, што во Италија официјално ќе се отвори на 3 јануари. Синиша Михајловиќ од претходно се интересираше за услугите на Македонецот, но српскиот стратег сега е принуден за конкретен потег и побогата понуда откако Андреа Белоти заработи тешка повреда и најверојатно нема да може да се врати на терените до крајот на оваа сезона.
Нестор-гол се наоѓа на врвот од листата со желби на „торинезите“, но раководството на овој клуб веќе испратило порака до Маурицио Зампарини да не се надева на заработка од 20 милиони евра, сума поради која Несторовски не се пресели во Торино во текот на летото. Првиот човек на Палермо е свесен дека ќе мора да продаде некој од клучните играчи за да ги намали финансиските проблеми на својот клуб, а интересот на Торино за Несторовски би требало само да ги интензивира разговорите меѓу двете екипи.
Според италијанските медиуми, Торино е подготвен да плати 10 милиони евра, па сега на потег ќе биде Зампарини, да ја одлучи судбината на голгетерот на македонската репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА