Откако пред неколку дена триумфираа на последниот домашен натпревар за оваа година над Динамо Панчево, ракометарите на Металург вечерва ставија печат на 2017 година ремизирајќи на гостувањето против Нексе (31-31). Како и на бројни натпревари во изминатите 12 месеци, „металурзите“ повторно ја имаа победата на дофат, но не издржаа во клучните моменти, пркоцкувајќи „плус три“ на помалку од пет минути до крајот.
Натпреварот мина во неверојатно израмнета битка, за што најдобар показател е фактот дека една од екипите првпат поведе со три гола разлика дури во 55. минута, кога Илиќ погоди за водство на Металург од 28-31. Претходно, тимовите се менуваа во водство, Нексе отвори со предност од 4-2, „металурзите“ се разбудија и поведоа со 8-9, имаа и 10-12, за на одмор сепак да се замине со минимална позитива на домашниот тим од 16-15.
Со израмнета игра се продолжи и во првиот дел од второто полувреме, за во последните петнаесетина минути Металург да влезе во ритам и да успее да го сврти резултатот во своја полза. По погодокот на Нексе за 25-25 следеа три гола во низа за македонскиот тим (Јагањац, Танкоски и Велковски) за предност од 25-28. Металург имаше „плус три“ и на пет минути до крајот со двата гола на Илиќ, но Нексе успеа да израмни и во последната минута се влезе со израмнети 31-31. Избраниците на Јовиќ се решија за цепелин во својата последна акција, но обидот на Илиќ беше прочитан од страна на домашниот голман. Нексе имаше дваесетина секунди за напад, домаќините зедоа тајмаут, но и тие не ја искористија својата шанса, па овој меч сосема заслужено заврши без победник.
Јагањац со девет гола беше најефикасен, Пешевски постигна пет погодоци, а голманите немаа свој ден, па Томовски и Даниловски го завршија натпреварот со по само три успешни интервенции. Кај Нексе најдобар поединец беше поранешниот член на Металург, Бувиниќ, кој постигна девет гола од десет обиди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА