Вардар не загуби од Розенборг, но е најлош тим од сите 48 во Лига Европа

Македонскиот првак Вардар ремизираше (1-1) против Розенборг на арената “Филип Втори“ на шестиот, последен натпревар од групната фаза од Лигата на Европа. Го освои првиот, историски, бод, но остана најлошиот тим од сите 48 во годинашното европско натпреварување. Но, и освои парична награда од 120.000 евра за освоениот бод.

Ќе остане запаметено дека Вардар забележа пет порази и едно реми, постигна три гола, а прими дури 20, израмнувајќи го неславниот рекорд на Слован Братислава. Но, во историјата на Лигата на Европа, имало и полоши…

Vardar - Rozenborg 5

Вардарци вечерва сепак го одиграа најдобриот свој натпревар во групата од ЛЕ. Доминираа во првиот дел, поведоа со голот на Итало во осмата минута, а пред самиот негов истек примија гол од пенал, што го реализираше Бендтнер.

На почетокот, прв се закани Никлас Бендтнер во четвртата минута. По корнерот од левата страна, шутираше од 12 метри, но Итало се појави како бедем пред голот на Гачевски.Токму Бразилецот четири минути подоцна, по проигрувањето на Демири и спуштената топка од Николов, и побегна на одбраната на Розенборг и му донесе водство на Вардар, постигнувајќи го првиот гол за македонскиот првак на домашен терен во групната фаза од Лигата на Европа.

Vardar - Rozenborg 9

Во 22.минута, Николов одлично уфрли од десната страна, Итало шутираше од петерецот, но Андре Хансен успеа рефлексно да одбрани. По ова, уште еднаш Итало се закани со удар од далечина.

И, потоа како да стивнаа нападите на Вардар, а Розенборг тоа го искористи. Конрадсен најави опасност со удар од далечина, а во самиот финиш на првото полувреме, Адгебенро побегна, а Филип Гачевски го собори во сопствениот шеснаесетник.

Судијата покажа на белата точка, а Никлас Бендтнер израмни на 1-1, непосредно пред одморот.

Bendtner

Фелипе во 51.минута изведе слободен удар од 20 метри, но топката заврши за малку над гредата. По ова, Розенборг воспостави контрола, па и се закани преку Бендтнер, кој беше непрецизен.

Барсегјан сакаше да изнуди пенал, но заработи жолт картон, а во 75.минута, Евгениј Новак шутираше одлично со глава по нафрлувањето на Фелипе. Сепак, голманот Андре Хансен не дозволи да се тресе неговата мрежа.

Хеденстад во 88.минута можеше да го загрози голот на Вардар, а потоа и Демири шутираше силно, но за малку непрецизно кон мрежата на норвешкиот тим.

Maliot Jane so vardarci

ВАРДАР – РОЗЕНБОРГ 1-1 (1-1)

Арена „Филип Втори“. Гледачи: 5.000. Судија: Серхиј Боико (Украина). Стрелци: Итало 8’ (Вардар), Бендтнер 45’ пен. (Розенборг). Ж. картони: Барсегјан (Вардар).

ВАРДАР: Гачевски, Муслиу, Грнчаров, Новак, Демири, Глигоров, Николов (84’ Марковиќ), Фелипе, Барсегјан, Блажевски (84’ Џигаури), Итало.

РОЗЕНБОРГ: Хансен, Хеденстад, Региниусен, Скјелвик, Герсбах (92’ Леви), Расмусен, Конрадсен (72’ Де Ланлај), Трондсен, Мелинг, Адегбенро (92’ Ботеим), Бендтнер.

Се вчитува...