Раул Гонзалес: Ние сме фаворити, така треба и да се однесуваме

Вардар во сабота (20.45 ч.) во СЦ „Јане Сандански“ го пречекува Металург во втората македонска пресметка сезонава во регионалната СЕХА лига. За вардарци воедно, ова ќе биде и последен натпревар на домашен терен во 2017 година и можност „црвено-црните“ да го заокружат настапот со уште една победа во исклучителната серија.

Вардар е неприкосновен во СЕХА лигата со беспрекорни девет победи од девет натпревари и ја има улогата на апсолутен фаворит против Металург кој пак сезонава е во долниот дел на табелата со три победи и двојно повеќе порази.

Ова е дерби со Металург. Мислам дека ќе биде добар меч, зашто секогаш меѓу овие две екипи има добар натпревар. Ние се уште не знаеме кој ќе игра, Карачиќ и Абутовиќ имаат повреди, па ќе го чекаме последниот тренинг. Очекувам интензивен меч, како и секогаш и очекувам публиката да биде во салата. Ние сме фаворити, но треба и така да се однесуваме“ – изјави тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.

Дуелот меѓу двата скопски ривали ќе има и хуманитарен карактер, а приходот од билетите кои се продаваат по цена од 50 денари, ќе биде наменет за лекување на Борче Јовановски (16) на кого треба во странство да му биде направена трансплантација на коскена срж.

„Ова е градско дерби и натпревар со посебне карактер. Мислам дека ќе биде интересен како и сите досега. Верувам дека ќе ја оправдаме фаворитската улога и нема да ја разочараме публиката. Мечот ќе има хуманитарен карактер. Се надевам дека ќе дојдат повеќе навивачи за да му помогнеме на Борче Јовановски“ – повика капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов.

Се вчитува...