Двајцата македонски интернационалци во Германија, Филип Миркуловски и Филип Талески, немаа позначаен индивидуален ефект, но нивните екипи Вецлар и Рајн-Некар Левен успеаја да стигнат до значајни победи во Бундес-лигата.
Вецлар за противник го имаше тимот на Штутгарт и славеше со 29-23, откако Миркуловски и соиграчите сите дилеми ги разрешија уште во првото полувреме што го добија со резултат 16-9. Македонскиот интернационалец не успеа да се запише меѓу стрелците, откако упати само еден удар кон противничкиот гол, но не го најде патот до мрежата.
Рајн-Некар Левен ја прекина серијата од два порази тримфирајќи пред своите гледачи над Ерланген со убедливи 33-22. Свесни за кризата од последните дваесетина дена, „лавовите“ тензично влегоа во мечот, па Ерланген неочекувано во раната фаза стигна до солидна предност од 2-4, 3-5, па и најубедливи 5-8. Сепак, тимот на Талески се разбуди во вистински момент, направија серија од седум гола и потоа ја зголемуваше својата предност до самиот крај, се до конечните 33-22.
Талески, исто како и Миркуловски, не успеа да се запише меѓу стрелците, а зад неговото име останаа запишани две асистенции и две исклучувања.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА