Лазаров со скромни три гола, Нант убедлив во дербито со Ним

Нант го надмина кризниот период и одново фаќа победнички ритам во францускиот шампионат. Тимот за кој настапува македонскиот капитен Кире Лазаров,  славеше сигурна победа против моментно второпласираниот Ним со 33-24, во натпреварот од 11.коло. За Нант ова е трета победа во серија во домашното првенство и вкупно шеста заедно со трите триумфи по ред во Лигата на шампионите.

Нант уште на стартот наметна темпо и комплетна доминација на теренот што резултираше со водство од 7-1 по првите десет минути од натпреварот.  Ним кој пред две кола го изненади првиот фаворит ПСЖ и успеа да врзе осум победи во серија, овој пат беше немоќен и по почетниот шок во текот на целиот натпревар остана во инфериорна позиција без можност да ја загрози сигурната предност на домаќинот.

Кире Лазаров го заврши натпреварот со три погодоци од осум обиди. Пет ракометари на Нант го завршија мечот со четири погодоци (Балагер, Гурбиндо, Фалувери, Клајн и Турна) , а значаен придонес во триумфот имаше и голманот Сирил Думулин со 16 одбрани. Играч број еден кај Ним беше голманот Реми Дисбоне исто така со 16 одбрани.

Ним и по поразот останува на втората позиција со 18 бода исто колку што има и ПСЖ на третото место, со три помалку од водечкиот Монпелје, а Нант се искачи на четвртата позција  на табелата со 14 бода.

Следен предизвик за избраниците на Тиери Анти ќе биде дуелот со Барселона во Лигата на шампионите, што ќе го одиграат на 2 декември на домашен терен.

Се вчитува...