Три гола на Лазаров во новиот пораз на Нант

Кире Лазаров со Нант претрпе уште еден пораз во француското првенство, вкупно четврти во осум одиграни натпревари. По поразот од Шамбери на домашен терен, Нант остана без бодови и на гостувањето против Иври (30-29) и падна на 7.место на табелата.

Тимот на Лазаров на полувремето имаше гол предност (15-16), во поголем дел од второто полувреме се играше изедначено гол за гол, но во последните десет минту, Иври ја презеде иницијативата. Домаќините поведоа со 26-24, Нант неколку пати успеваше да стигне до изедначување, но не и да го преземе водството и на крај остана без бодови.

Лазаров заврши со три погодоци, еден од седмерец и два од игра од вкупно седум шута кон противничкиот гол. Најефикасен во составот на Нант беше Давид Балагер со девет гола.

Изненадување во ова коло во Франција приреди Ним кој му го нанесе првиот пораз на фаворитот ПСЖ (26-24). По 8.коло, Монпелје е единствен без пораз во францускиот шампионат со седум победи и едно реми и моментно е на лидерската позиција со 15 бода, пред Ним и ПСЖ со по 14. Нант е на 7.место со осум бода.

 

Се вчитува...