Дејан Манасков со Веспрем и Борко Ристовски со Барселона, славеа нови победи во натпреварите од 6.коло во групната фаза од Лигата на шампионите.
Веспрем на домашен терен го победи Алборг со 30-24 и заедно со Вардар остануваат единствените непоразени екипи по првите шест кола во ЛШ. Манасков во дуелот против Албирг запиша два гола од три обиди. Најефикасен во унгарскиот тим беше Мате Лекаи со седум гола.
Борко Ристовски со Барселона во „Блауграна“ ја запиша четвртата победа во групата А, совладувајќи го ППД Загреб со 32-22. Токму македонскиот голман беше еден од адутите на Барселона на овој убедлив триумф. Ристовски бранеше речиси во текот на целиот натпревар и запиша вкупно 12 одбрани од кои осум во првото полувреме кога домаќините ја направија решавачката предност (17-8). Инаку, овој натпревар беше во фокусот на ракометната јавност поради дебито на Арон Палмарсон во дресот на Барселона. Исландскиот бек во својот прв настап за Барселона постигна еден гол, а најефикасне во каталонскиот тим беше пикерот Камил Сипжак со шест погодоци.
Во негативен тренд во настапите во ЛШ е тимот на Бешикташ во чиј состав се двајца македонски репрезентативци – Немања Прибак и Филип Лазаров. Турскиот шампион загуби на гостувањето кај Мотор Запорожје со 28-22. Прибак постигна три гола, а Лазаров на овој натпревар не се запиша во листата на стрелците.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА