Металург „го преслуша“ Нексе за прва домашна победа во СЕХА

Ракометарите на Металург ја забележаа втората победа во регионалната СЕХА лига совладувајќи го тимот на Нексе со 29-22   на домашен терен во СЦ „Борис Трајковски“. „Металурзи“ доминираа на теренот и покрај повремените осцилации и падови во играта, во поголемиот дел беа во позитива што на крај им донесе и заслужен триумф против хрватскиот претставник.

Во првата четвртина од мечот се водеше изедначена борба на теренот. „Металурзи“ сепак ја имаа иницијативата на теренот, гостите во првите петнаесетина минути одолеваа на притисокот и успеваа да држат чекор до последното изедначување на 5-5 во 12 минута. Но, потоа Металург го засили темпото, го редуцира грешките, а значителна помош „сините“ имаа и од Дарко Арсиќ на голот. Сето тоа резултираше со пет гола во серија и водство од 10-5  седум минути подоцна.

Серијата на Металург и седумте минути без погодок на неговиот тим, го принудија тренерот на Нексе, Хрвое Хорват да реагира со тајм-аут. „Металурзи“ имаа два брзоплети напади кои ги сопре гостинскиот голман Кристијан Филиповиќ, а тоа им овозможи на гостите да излезат од лошата серија и да ја намалат негативата на 10-8 и повтрно да се вратат во игра. Малиот пад во играта на Металург конечно ја прекина Жарко Пешевски, постигна два гола едноподруго и со неговиот петти погодок повтроно го врати домаќинот на безбедна дистанца (12-9). На тоа се надоврзаа и Мартин Велковски и  Александар Гуглета и  „металурзи“ брзо дојдоа до шест гола позитива (15-9) на две минути пред крај на првиот дел. „Метсалурзи“ не го искористија нападот да дојдат до највисоки +7,  а гостите ја искористија шансата и намалија на 15-10 во финишот од првото полувреме.

Почетокот на второто полуврме донесе нови осцилации во играта на Металург и ефикасна серија на Нексе кои постигнаа пет, а примија само еден гол и со погодокот од далечина на Патрик Лебан на празниот гол на домаќините, успеаја да намалат на 16-14. Сепак, „металурзи“ и покрај променливата игра, беа подобриот тим во овиј дуел, имаа контрола на играта и се одржуваа во позитива. Новата офанзива на тимот од Автокоманда донесе серија од 6-1 и сигурна предност од 22-15 на почетокот од последната четвртина.

Нексе се обиде со 5-1 одбрана да го наруши ритамот во нападот на Металург, но Хорват кој е еден од помошниците на Лино Червар во струшниот штаб на хрватската репрезентација, тешко можеше да го надмудри „шефот“. Металург имаше одговор и на промената во одбраната на противникот и ја одржуваше позитивата за нова победа во СЕХА лигата, прва на домашен терен во новата сезона.

Нападот на Металург го предводеа Жарко Пешевски и Вања Илиќ со по шест гола, а Божо Анѓелиќ додаде пет. Дарко Арсиќ на голот на Металург забележа девет одбрани. Кај Нексе најефикасни беа Саша Баришиќ Јаман  и  Сипиќ со  по четири гола, а голманот Кристијан Филиповиќ заврши со шест одбрани.

Во следното 4.коло во СЕХА лигата, Металург на 20 септември и гостува на Војводина, а во меѓувреме, македонскиот вицешампион ја почлнува и новата сезона во Лигата на шампионите, со гостувањето во Франција против Монпелје на 16 септември.

Се вчитува...