Ракометарите на Металург денеска стартуваа со подготовките за новата сезона. Во отсуство на тренерот Лино Червар, првата прозивка ја направија неговите помошници на клупата, Александар Јовиќ и Петар Мисовски. Според најавите од Автокоманда, Червар ќе му се приклучи на тимот утре пред заминувањето на подготовките во Маврово.
На првиот собир во Автокоманда, присуствуваа сите ракометари што ќе бидат во тимот за следната сезона. Нови странски засилувања во Металург се левиот бек Јанус Лапајне, десното крило Анте Томиќ и средните бекови Лука Стојановиќ и Божо Анѓелиќ, а од составот на Металург 2 во првиот тим се приклучуваат: Мице Шилегов, Милан Лазаревски, Димитар Димитриоски, Марио Танковски и Мартин Серафимов. Повратници во тимот од Автокоманда се голманот Никола Даниловски кој настапуваше за Пелистер и бекот Дарко Димитровски од Борец.
Иако со Металург има договор и за следната сезона, Марко Неловски не присуствуваше на денешниот прв собир. Репрезентативниот бек уште пред крајот на сезоната најави промена на средината, но засега неговиот статус останува отворен. Неловски се поврзуваше со неколку македонски клубови, а се споменуваше и можност макеоднскиот репрезентативец да ја продолжи кариерата во странство.
Според планот, Металург седум дена ќе биде на висински подготовки во Маврово, а првата проверка пред новата сезона „металурзи“ ќе ја имаат на Традиционалниот турнир „Струга 2017“.
Новата сезона во регионалната СЕХА лига, Металург ќе ја отвори на 2 септември со градското дерби против Вардар. А, новата сезона во Лигата на шампионите „металурзи“ ќе ја почнат на гостувањето кај Монпелjе на 13/17 септември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА