Џермејн Дефо веднаш по заминувањето од Сандерленд го договори својот следен чекор во кариерата – преселба во редовите на Бурнемаут. Искусниот голгетер имаше клаузула во договорот со Сандерленд што му овозможуваше да стане слободен играч доколку овој тим испадне од Премиер-лигата, а во последните денови понуди до Дефо испратија неколку премиерлигаши.
Иако дел од медиумите најавуваа дека тој ќе се врати во својот поранешен клуб Вест хем, сепак ситуацијата се промени со понудата на Бурнемаут, која реално беше премногу добра за да биде одбиена.
Имено, раководството на Бурнемаут му понуди на овој 34-годишен фудбалер договор за следните три сезони, за плата од фантастични 130.000 фунти неделно. И финансиските услови и должината на договорот со Бурнемаут беа повисоки во однос на понудата на Вест хем, па Дефо без премногу размислување се реши да замине во овој амбициозен клуб, кој исто така се обидува да го ангажира и Џон Тери во своите редови.
Џермејн Дефо настапуваше на позајмица за Бурнемаут на почетокот од својата кариера, кога во 2000 година постигна голови на десет средби во низа за овој тим, завршувајќи ја сезоната со вкупно 20 постигнати погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА