Преговорите меѓу Манчестер јунајтед и Антоан Гризман се во напредна фаза, но францускиот ас поставил еден единствен услов што ќе мора да биде исполнет за летниот трансфер на „Олд трафорд“ да биде реализиран. Имено, Гризман јасно им ставил до знаење на челниците на Јунајтед дека би се преселил во овој клуб само доколку „црвените ѓаволи“ успеат да обезбедат пласман во Лигата на шампионите. Најтрофејниот англиски клуб во последните три сезони само еднаш беше дел од елитното европско натпреварување, а Гризман не ја крие желбата по двете загубени финалиња со Атлетико Мадрид конечно да се искачи на врвот на европскиот клупски фудбал.
Според таблоидот „Сан“, францускиот голгетер ги договорил личните услови и ќе зема плата од 15 милиони фунти годишно, рамо до рамо со својот сонародник Пол Погба, но децидно го посочил единствениот услов за трансферот да биде комплетиран. Гризман би го зазел местото во нападот на Вејн Руни, кој речиси сигурно на крајот од сезонава ќе си замине од „Олд трафорд“ и ќе се пресели во Кина.
Манчестер јунајтед моментно е шестопласиран на табелата во Премиер-лигата, со само два бода заостанување зад Арсенал на четвртата позиција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА