ЕКИПА во Загреб,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Одбраната на македонскиот национален тим заврши извонредна работа на премиерниот дуел со Словенија, задржувајќи го незгодниот противник на само 24 постигнати погодоци. Искусниот Ацо Јоноски, кој беше „командант“ при играта во дефанзива, е свесен дека секој нареден испит на овој шампионат ќе биде уште потежок од оној претходниот.
„Задоволството по победата над Словенија беше големо, но ова е Европско Првенство и нема време за славење бидејќи набрзина доаѓа нов и нов предизвик. Пред нас е Црна Гора, репрезентација што можеби на хартија сите ја сметаат за аутсајдер, но дефинитивно поседува квалитет и никако не смее да се потцени. Нема да има опуштање, туку борба од наша страна, бидејќи сме свесни дека за победа на меч од ЕП секогаш мора да се даде 100% од себе. Јас никогаш не издвојувам поединци ниту во нашиот, ниту во противничкиот тим, ќе мора да одиграме колективно, да ги неутрализираме сите нивни оружја и на крајот да се радуваме“ – изјавува Јоноски.
Дуелот со Црна Гора стартува во 20.30 часот, а победа ни носи не само пласман во втората рунда, туку и пренесување на најмалку два бода во групата во Вараждин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА