ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б.Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Голот на Филип Лазаров ја заокружи победата на Македонија против Словенија на стартот од ЕП во Хрватска. Токму Лазаров и голманот Никола Митревски беа јунаците од сенка во големата победа на Македонија против бронзената селекција од последното СП во Франција. И подготвено го очекуваат вечераниот нов предизвик против Црна Гора. За да има полна вредност тој „брејк“ во првото коло. Се очекува уште еден тежок меч, но и уште едно сигурно издание на македонската репрезентација.
„Победата против Словенија е веќе минато, сега сме целосно фокусирани на вечерашниот дуел. Црна Гора денеска сигурно ќе одигра многу подобро отколку на првиот меч кога беа поразени од Германија. Знаеме дека стартот секогаш е потежок. Нив им се погоди да играат против светскиот шампион. Можеби помалку и се чуваа на тој натпревар. Но, мислам дека се солидна репрезентација, компактни, имаат одлични искусни бекови, одлични крила, пикери, голмани. Имаат разноврсни играчи. И предната и задната линија им е одлична и не би издвоил никој посебно“ – вели Никола Митревски во пресрет на вечерашниот втор дуел на ЕП.
И очекувањата на Филип Лазаров се дека Црна Гора вечерва нема да биде во исто издание како пред два дена кога беше убедливо поразена од Германија.
„Мислам дека Црна Гора помалку изгоре на првиот натпревар со Германија и дека се многу поквалитетни од тоа што одиграа и од тој резултат. Изгореа затоа што не се толку искусни и затоа што играа против најсилната репрезентација моментално, која има 16 еднакво квалитетни играчи и која одигра мотивирано од прва до последна минута. Црна Гора се бореше, за разлика од други, тоа е репрезентација што има карактер, што се бори до крај. Очекувам тежок меч и победа за нас на крај, бидејќи затоа сме тука, за да победиме“ – вели Филип Лазаров.
Победата против Словенија е само мотив повеќе да се продолжи победничката серија, а македонската репрезентација е доволно искусна да не подлегне на еуфоријата и на притисокот. Македонија подготвена влегува во овој дуел во кој има фаворитска улога и свои предности.
„Овој пат имаме голема ширина во составот. Имаме резерви во тимот и простор за квалитетни ротации. Што би рекол, Раул, секој треба да си ја работи својата работа и мислам дека ќе биде добро. Мислам дека сме доволно искусни, сме поминале и победи и порази. Во првото коло направивме „брејк“ денеска тоа треба да го потврдиме за да биде се тоа добро и да одиме мирно на Германија во третиот натпревар и да се бориме за првото место во групата“ – истакнува Лазаров.
Натпреварот Македонија – Црна Гора е денеска со почеток во 20.30 часот во „Арена“. Пред тоа вториот меч во групата ќе го одиграат Словенија и Германија (18.15 ч.).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА