Агинагалде неизвесен за дуелот со Македонија

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Хулен Агинагалде со години наназад важи за еден од најдобрите шпански ракометари, но како што стојат работите извонредниот пивот нема да може да настапи за „црвената фурија“ на дуелот со Македонија.

Членот на Кјелце настапи на првиот дуел со Чешка, но потоа во второто коло против Унгарија се пожали на повреда на грбот. Селекторот Рибера реши да го искористи правото на замена и го повика Гоњи на местото на Агинагалде за синоќешната пресметка со Данците, иако согласно пропозициите пивотот би можел да се врати за втората рунда, за која секоја репрезентација има право на уште две замени.

Добра вест за Шпанците е што сега претстојат три дена одмор за да се обидат да го оспособат големиот борец за настап против Македонија, иако во таборот на „црвената фурија“ не владее преголем оптимизам околу здравствената состојба на Агинагалде.

На самиот почеток од шампионатот Шпанија остана и без левото крило Анхел Фернандез, на чие место повикан беше Аитор Арињо од Барселона.

Се вчитува...