Директорот на Реал Мадрид фондација во Скопје: Горди сме што по 50 земји во светот сега сме и во Македонија!

Македонската фудбалска јавност добива вистинска привилегија на свое тло, како дел од Реал Мадрид фондацијата, да биде организатор на кампот „Campus Experience“. Компанијата „Спорт Арена“ како лиценциран партнер на Real Madrid Fundation Campus Experience деновиве е домаќин на Шпанецот Хоакин Сагес, директорот на Реал Мадрид фондација.

Најавувајќи го кампот кој ќе се одржи на терените на комплексот на ФФМ од 11. до 15. јуни организаторите, заедно со Фудбалската федерација на Македонија и Агенцијата за млади и спорт денеска на прес-конференција го најавија кампот кој за првпат се одржува во нашава земја.

„Многу сме горди што по повеќе од 50 земји во светот, Реал Мадрид фондацијата ќе има свој камп и во Македонија. Изразувам благодарност до Владата на Република Македонија и до ФФМ за поддршката и секако до организаторите на чело со Влатко Тодев. Нашата цел е момчињата и девојчињата да го искусат дружењето и да здобијат одредено ново фудбалско знаење од нашите фудбалски едукатори. Ќе работиме на две основи, фудбал, но и градење на нови вредности. Сето ова ќе го реализираме на одличните инсталации кои се веќе обезбедени од организаторите на кампот“ – истакна Хоакин Сагес на денешната средба со медиумите.

Хоакин Сегес

„Го препознавме значењето на овој голем проект, за првпат во Македонија ќе се одржи кампот на Реал Мадрид фондацијата во Скопје. Ќе се обидеме и да ги поврземе тренерите од Реал Мадрид со нашите тренери, што ќе биде уште една придобивка за македонскиот фудбал“ – истакна генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.

 

Од Агенцијата за млади и спорт потенцираа дека неизбежно ќе следи поддршка за вакви настани кои се од големо значење за спортот во Македонија.

„Владата на Република Македонија и Агенцијата за млади и спорт секогаш даваат поддршка за проектите кои носат ново искуство за спортот во нашата земја“ – рече директорот на АМС, Дарко Каевски.

Кампот „Campus Experience“ ќе ги запази сите стандарди во кои децата учесници се во фокусот на проектот, односно од него треба да излезат како добри луѓе и уште подобри фудбалери. За ова да се оствари, на кампот ќе работат исклучиво сертифицирани тренери од Реал Мадрид Фондацијата, спроведувајќи оригинални методи низ дневните тренинзи и натпревари, а на крај учесниците ќе добијат и официјални сертификати за учеството. Поради сето ова, овој фудбалски камп се смета за камп со најголема репутација во светот.

 

Согласно стандардите на Реал Мадрид Фондацијата, на секои 20 учесници ќе има по еден тренер. Дополнително, во рамки на едукацијата ќе учествуваат и други предавачи, како од Шпанија, така и од Македонија. Дел од планот се аниматори кои ќе го организираат слободното време на учесниците меѓу тренинзите.

„Горди сме што кампот Campus Experience на фондацијата Реал Мадрид ќе имаме можност да го организираме за првпат во Македонија. Ќе биде тоа незаборавно искуство за сите деца учесници, но и на сите кои ќе се стекнат со нови вештини и знаења“ – рече организаторот на кампот, Влатко Тодев.

Кампот ќе биде достапен за момчиња и девојчиња на возраст од 7 до 17 години. Плаќањата ќе бидат достапни на повеќе рати преку банкарски институции, а дополнително, партнерите на овој камп за секој учесник ќе обезбедат големи бенефити почнувајќи од оригиналната спортска опрема (комплет од дрес, шорцеви, штуцни, капа, ранец и фудбалска топка), како и голем број ваучери, повластици и попусти за секој пријавен на кампот од страна на спонзорите.

Овој интернационален фудбалски камп ќе се спроведе на фудбалските терени на тренинг – центарот „Петар Милошевски“, поради што сакаме да изразиме голема благодарност на Фудбалската федерација на Македонија и на залагањата шти ги прави за унапредување на младинскиот фудбал во нашата земја. Носител на официјалната лиценца е македонската компанија „Спорт Арена“, која на својата бев страна www.sportarena.mk и преку кол центарот ќе нуди подетални информации за сите заинтересирани.

Цената за учество на овој камп, кој ќе се одржи од 11 до 15 јуни оваа година 18.990 денари за акредитација која му овозможува 8-10 часа (во зависност од временските услови) присуство на кампот во текот на денот (односно без сместување) или акредитација на 24 часа (при што се додадени и услугите за сместување, исхрана и трансфер) за цена од 26.990 денари. Одреден е попуст за двајца или повеќе учесници од едно семејство, како и за учесници кои поседуваат членска карта на Реал Мадрид, членска карта на Мадридиста.

Отворен е и телефонски број (078-462-622) за информации и пријавување за сите заинтересирани. Пријавувањето ќе се врши на официјалниот веб сајт на Фондацијата Реал Мадрид www.campusexperiencermf.com или во канцеларијата на бул. Александар Македонски бр.23 лок.10, која ќе биде отворена секој ден од 10-17 часот. Последниот рок за пријавување е 25. мај 2018 година.

 

Се вчитува...