Ренова до триумф во последен час, реми за Скопје против Силекс

Ренова во последен час стигна до победа (2-1) против Работнички во Тетово, со голот на Влатко Стојановски постигна во втората минута од судиското продолжение. Претходно, Лукас донесе водство за „гипсарите“, а Николче Шаркоски во 87.минута успеа да израмни.

Шкупи славеше со 1-2 на гости против Академија Пандев во Турново. Шабани го отвори резултатот во 33.минута, по проигрување од Баже Илијоски, кој со сомнителен фаул се избори за топката во протиничкиот шеснаесетник. Шест минути подоцна, мат во два потези за домаќинот. Зендели дегажираше, Баже Илијоски побегна, излезе сам пред противничкиот голман и го лобуваше. Академија Пандев намали со гол од пенал на Зоран Балдовалиев во 45.минута. На овој меч имаше и две исклучувања. Благоја Љамчевски мораше во соблекувална пред самиот крај од првиот дел,а во второто полувреме исклучен беше и Чешмеџиев.

Пелистер и Победа одиграа 1-1 под „Тукбе кафе“. Прилепчани можаат да реализираат за нереализираниот пенал во вториот дел, а битолчани спасија бод во битката за опстанок. Зоран Даноски со лоб удар во 59.минута донесе предност за прилепскиот тим, а Пелистер израмни со голот на Иве Трифуновски во 83.минута.

Скопје и Силекс ремизираа 1-1 во Кичево. Кратовци поведоа со голот на Глигор Глигоров во 16.минута, а израмни Филип Петковски со одличен удар од 20 метри во 54.минута од дуелот. Истиот фудбалер не успеа да реализира и пенал за својот тим.

Шкендија го совлада Вардар во Скопје, на арената „Филип Втори“ со 2-3. Гостинот од Тетово дојде прв во предност во шестата минута, со голот на Бесарт Ибраими. Тој со полуволеј ја зафати топката од 15 метри, и го совлада Алексовски. По ова, Емини имаше фантастична можност за 0-2, но реагираше почетнички, а потоа се закани и Жуниор, но не беше прецизен.

Блажевски со шут од далечина сакаше да го изненади Реџепи, но тој одбрани и исфлри во корнер. Вардар израмни во 43.минута. Блажевски нафрли, младиот Бојан Колевски шутираше со глава, Реџепи одбрани на гол-линијата, но Колевски од втор обид стигна до погодок.

На самиот старт од вториот дел, пенал за Вардар. Хамбарџумјан нафрли, Мурати играше со рака, а Дејан Блажевски го реализираше за водство на Вардар од 2-1.

Сепак, Шкендија одговори експресно. Бесарт Ибраими во 52.минута со одлично изведен слободен удар од 25 метри го совлада Алексовски за ново израмнување, а поранешниот „вардарец“, Висар Муслиу, во 59.минута повторно направи комплетен пресврт.

 

ПРВА ЛИГА – 28.КОЛО

СКОПЈЕ – СИЛЕКС 1-1

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ШКУПИ 1-2

РЕНОВА – РАБОТНИЧКИ 2-1

ПЕЛИСТЕР – ПОБЕДА 1-1

ВАРДАР – ШКЕНДИЈА 2-3

Табела: Шкендија 72, Вардар 49, Силекс 42, Работнички 35, Ренова 34, Шкупи 33 (-1), Академија Пандев 32, Победа 26, Пелистер 25 (-1), Скопје 25.

Се вчитува...