Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев истакна дека ќе биде неопходна помош и од државата за да се заокружи проектот за изградба на стадионот „Тумбе кафе“ во Битола кој е со вкупна вредност од 5,5 милиони евра.
Плаќањето на обврските за изградбата на стадионот кој започна да го гради претходната локална власт на крајот на третиот мандат е во комплетен застој поради неможноста за комплетен финансиски одговор. Сите обврски сега се на товар на новата локална самоуправа. Но, факт е дека за овој проект ќе биде потребна помош и од државата, а како што нагласи Заев ќе мора да се користат кредитни линии со мали камати.
„Стадионот и е потребен на Битола. Секако, тој е многу важен и е од национален интерес. Но, да бидеме искрени избрзаната одлука за градба донесе огромни финансиски импликации кон општината. Навистина проектот е голем, вкупна вредност е од 5,5 милиони евра а тоа се огромни пари. Затоа, ако општината сама застане зад овој проект, тогаш прашање е како и дали ќе може да одговори на потребите за сервисирање на другите обврски, изградба на улици, патишта и останата инфраструктура. Па, дефинитивно и државата ќе мора да помогне за изградба на стадионот, а размислувањата се преку кредитните линии да овозможиме на некои 10 до 15 години исплата со каматни стапки до 3%, и сето тоа да се заокружи“ – истакна Заев за време на денешната посета на општина Битола, околу проектот кој дефинитивно и тоа како го посакуваат навивачите на Пелистер.
А, според проектот за изградба, новиот фудбалски стадион „Тумбе Кафе“ треба да биде со капацитет од 12.000 седишта, изграден согласно меѓународни стандарди и според критериумите на ФИФА и УЕФА. Стадионот ќе биде класифициран од втора категорија, но на него ќе може да игра и македонската фудбалска репрезентација.
Фудбалската федерација на Македонија претходно со средства учествуваше во реконструкцијата на теренот на стадионот во Битола, и со своја помош и за изградба на „Тумбе кафе“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА