Агенцијата за млади и спорт преку соопштение до јавноста го осуди вулгарното однесување на навивачите на Шкендија, кои со националистички навреди ја прославуваа шампионската титула освоена од страна на нивните миленици. Воедно, АМС ја повика Фудбалската Федерација на Македонија соодветно да реагира и да ги казни виновниците согласно пропишаните акти.
Соопштението на Агенцијата за млади и спорт го пренесуваме во целост:
Агенцијата за млади и спорт најостро го осудува вулгарното и недоличното однесување на навивачките групи и поединци, за време на одржување на натпреварот меѓу ФК Шкендија и ФК Пелистер.
Воедно ја искажуваме и безрезервната поддршка на Фудбалската федерација на Македонија за доследно и целосно почитување и спроведување на актите, пропозициите и меѓународните препораки и конвенции за спречување на насилно и недолично однесување на спортските терени, како услов и гаранција за учество на наши екипи и репрезентации во меѓународниот спортски систем.
Агенцијата за млади и спорт како највисока владина институција која се грижи за развојот на македонскиот спорт и под која се сите национални спортски федерации, апелира до сите надлежни тела, особено до ФФМ да го расветлат овој немил чин кој ги подгрева етничките тензии на и вон спортските терени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

