Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар остана без цел тим во период од шест месеци. Дури 13 фудбалери го напуштија клубот и тимот остана обезличен. Капитенот Бобан Грнчаров, замениците Никола Глигоров и Дејан Блажевски, Дарко Глишиќ, Ацо Стојков, Хофханес Хамбарџумјан, се фудбалерите на кои клубот денеска им се заблагодари за убавите заеднички моменти во изминатиот период.
Претходно, Вардар го напуштија и Бразилецот Хуан Фелипе, репрезентативците Бобан Николов, Стефан Спировски, Дарко Велкоски, како и Филип Стојчевски, Џамбул Џигаури, Петар Петковски, Балотели… Си замина и тренерот Чедомир Јаневски, па Вардар дефинитивно ќе има нов лик. Но, и тешко дека ќе може да оформи таков состав…
„Понекогаш доаѓа време кога треба да се сврти нова страница, доаѓа време на промени, а таков „бран“ го зафати и Вардар. Дојде времето на некои други да го покажат својот потенцијал и квалитет во нашиот тим, кои ќе донесат нови ветришта, ќе го поведат „црвено-црниот“ клуб кон нови успеси, кон нови победи, титули, меѓународни успеси…
Затоа во овој момент им се заблагодаруваме на сите оние кои што беа дел од Вардар во изминатата сезона, а кои во иднина нема да бидат во нашиот клуб, барем не како играчи. Им кажуваме едно големо БЛАГОДАРАМ поединечно на: нашиот капитен Бобан Грнчаров, потоа на заменикот Никола Глигоров, на третиот капитен Дејан Блажевски, на Ховханес Хамбарџумјан, благодариме на Дарко Глишиќ и на Ацо Стојков за сето она што го сторија за нашиот тим во изминатите неколку години. На сите шестмина им истекоа договорите со Вардар, и тие се слободни фудбалери.
ГРНЕ, НИКОЛА, ШИЛЕ, ХОФ, ГЛИШ И АЦЕ… Од срце Ви се заблагодаруваме за прекрасните мигови минати во нашиот тим. Овие четири години во кои се случија само убави работи, ќе придонесат да ги паметиме вашите настапи, и тие да бидат пример за идните генерации кои доаѓаат. Ни беше чест и задоволство што го носевте дресот на нашиот тим.
Можеби после Вас во Вардар нема ништо повеќе да биде исто, но амбициите и целите на клубот остануваат исти. Продолжуваме по патот на кој Вие чекоревте, а тоа беше оној шампионскиот. Затоа сме и најтрофеен клуб, затоа што секогаш го имаме најдоброто. Така ќе биде и во иднина“, објави ФК Вардар на својот официјален сајт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА