Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, потврди дека бил известен од страна на актуелната управа на Вардар дека рускиот газда Сергеј Самсоненко повеќе нема намера да инвестира во фудбалскиот колектив.
„Фудбалскиот клуб ‘Вардар‘ е сопственост на Град Скопје со 51 отсто. Известен сум од луѓето на кои Градот таа сопственост им ја отстапил да ја користат, дека веројатно во идниот период ќе се откажат од таа работа. Официјално кога ќе седнеме да разговараме, јавноста ќе биде известена“ – изјави Шилегов.
Самсоненко стана сопственик на ФК Вардар во јануари 2014 година, на воведната прес-конференција најави дека цел му е Вардар секоја година да игра во групната фаза од Лигата на шампионите. Тоа не му се исполни, „црвено-црните“ остварија историски успех со пласманот во групната фаза од Лигата на Европа, но Русинот неполна година подоцна направи „рез“ во тимот, им дозволи на најдобрите играчи да си заминат, а сега и самиот се повлекува од раководењето со фудбалскиот клуб.
Тој веќе го распуши и женскиот ракометен „дрим-тим“, а Самсоненко останува на чело на машкиот ракометен клуб, но и во него со значително намален буџет во однос на претходните сезони.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

