Проблематичниот австралиски тенисер Ник Кирјос сака што поскоро да се врати на врвот во светскиот тенис и за таа цел побара професионална помош. Тој е свесен дека за да стигне до врвот треба да среди многу работи како во играта така и во своето однесување и реши да ангажира психолог.
Кирјос кој моментно е на 37.место на АТП листата, по повредата на турнирот во Москва, предвреме ја заврши сезоната и се врати во својот дом во Камбера. Оттаму Австралиецот порача дека ќе стори се во наредната сезона да стартува подготвен и да го покаже целиот свој потенцијал.
„Беше очигледно дека имав проблеми со некои работи, како на теренот, така и надвор од него. Не беше воопшто едноставно да се поминува низ сето тоа. Не е тајна, ангажирав некои психолози кои ми помагаат. Можеби и премногу чекав за таква одлука. Почнав да одам на терапии, сега сум поотворен кога зборувам за сето тоа и чувствувам дека нема причина да кријам било што“ – вели Кирјос.
Австралискиот тенисер посебно иритираше со својата рамнодушност на терен и со честите инциденти. На УС Опен дури и судијата Мохамед Лајани му приговори што не се залага повеќе, прекршувајќи ги своите овластувања за што подоцна беше и казнет. Киријос исто така беше критикуван и по поразот во првото коло на Мастерсот во Шангај.
Австралиецот верува дека во новата сезона ќе се појави на терените во едно целосно поинакво светло.
„Со својот тим работам на составување на распоредот на настапите. Мислам дека во последните неколку години многу грешев по тоа прашање, ниеднаш не издржав да ја одиграм до крај сезоната“ – истакнува Кирјос.
Најдобриот пласман на АТП листата, Ник Киријос го постигна во октомври 2016 година кога беше на 13.место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА