Ракометна сензација: Словенките го зедоа скалпот на моќната Русија

Репрезентацијата на Словенија приреди големо изненадување во третото коло од ЕП за ракометарки што се одржува во Франција, откако по голема битка славеше над Русија со 29-27. Иако Словенките немаа никакви шанси за пласман во следната рунда, тие сепак одиграа одличен меч против големиот фаворит. Мечот го одбележаа многу пресврти, Словенија поведе со 4-1, следеше серија на Русија и водство на „зборнаја“ од 6-10, за на одмор да се замине со израмнети 13-13. Селекцијата на Словенија го отвори вториот дел со серија од 3-0, по што умешно го одржуваше водството до конечниот триумф.

Грос со 12 гола беше најдобра ракометарка на овој натпревар, Станко постигна шест погодоци за Словенија, додека најдобар стрелец кај Русија беше Кочетова со шест постигнати гола.

Шведска по голема битка славеше над Полска со 23-22. Скандинавките имаа предност од 10-5 по првото полувреме, но полските ракометарки се вратија, па на шест минути до крајот имаа и минимална предност. Сепак, Швеѓанките беа поумешни во самата завршница, во последната минута ја задржаа топкатаа речиси до самиот финиш, не дозволувајќи им на противничките да стигнат до израмнување.

Се вчитува...