Русинките со пеколно второ полувреме до финале на ЕП

Ракометарките на Русија се првите финалистки на Европското првенство откако во полуфиналната пресметка славеа со 28-22 (16-15) против селекцијата на Романија.

Русинките сосема заслужено ќе се борат за европската шампионска круна, по извонредно одиграното второ полувреме во кое тотално ги „демонтираа“ Романките.

Првиот дел мина во максимално израмнета игра, за да Русинките со извонредна одбрана во второто полувреме од самиот почеток наметнаа ритам за победа. На почетокот од второто полувреме, за само три минути со серија од 3-0 дојдоа до 19-15 и потоа само ја зголемуваа предноста за конечна победа.

Русија беше предводена од феноменалната Ана Вјахирева која мечот го заврши со 13 постигнати гола, а четири гола постигна Ана Сен. Во спротивниот табор најефикасна беше Ана-Марија Драгут со четири постигнати погодоци.

Во второто полуфинале вечерва од 21 часот ќе се сретнат Холандија и Франција.

Се вчитува...