Репрезентацијата на Германија ја запиша првата победа на 26.Светско ракометно првенство што почна вечерва, а на кое заеднички домаќини се Германија и Данска. На отворањето на шампионатот, Германците во првиот меч од А групата во Берлин славеа убедлива победа против обединетиот тим на Кореја со 30-19 .
Првиот гол на шампионатот го постигна корејскиот бек Јунг Сојунг, а стрелец на првиот погодок за Германија беше пикерот на Кил, Патрик Виенцек. Уште во првата четвртина од мечот во Берлин падна и првиот црвен картон на Мундијалот, а него го заработе репрезентативецот на Кореја, Ким Донг во 12.минута од натпреварот.
Германските ракометари уште од стартот имаа целосна контрола на играта и на резултатот. По почетното водство на Кореја, Германците направија серија од 6-1 и брзо се одлепија на 6-2. На полувремето Германија веќе имаше солидни 17-10.
По првите пет минути во вториот дел, Германија стигна и до двоцифрена предност поведувајќи со 20-10. Корејците тешко поминуваа покрај цврстата одбрана на Германија и уште потешко успеваа да го совладаат извонредниот Андреас Волф на голот. Тоа и отвори шанса на Германија без преголем напор, рутински да ја зголемува предноста и на крај очекувано да ја запише првата победа на Мундијалот.
Капитенот Уве генсхајмер беше прв стрелец на натпреварот со седум гола. Во репрезентацијата на Кореја, најефикасен беше Донг-Хјун Џанг со четири гола., а добра партија на голот на Кореја имаше Џај – Јонг Парк со 17 одбрани.
Во вториот денешен натпревар, во Копенхаген, селекцијата на Данска игра против Чиле.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА