ЕКИПА во Минхен,
Стеван Цаневски
Првиот натпревар секогаш е меѓу најзначајните на големите натпреварувања, но историјата вели дека македонските ракометари вообичаено добро се снаоѓаат на премиерите од светските шампионати. Традицијата вели дека Македонија секогаш во првото коло се среќавала со неевропски селекции, а на досегашните пет „премиери“ нашите ракометари имаат четири го
Историјата почна во 1999 година, кога „црвено-жолтите“ дебитираа на еден ракометен Мундијал на собирот во Египет. Во првото коло на 2 јуни се сретнаа со Саудиска Арабија и триумфираа со 28-21, победникот решавајќи го уште во првото полувреме (16-11). Тоа беше воедно и единствен триумф на Македонија во групната фаза од СП 1999, бидејќи по тој меч следеа порази од Германија, Куба, Бразил и од Египет.
Десет години се чекаше на следниот настап на Македонија на еден ракометен Мундијал, за на првиот натпревар во Хрватска да излеземе на мегдан со Тунис. Мечот беше максимално неизвесен, Кире Лазаров постигна девет погодоци, но и тоа беше недоволно за да се избегне минимален пораз од 24-25.
На СП 2013 бевме дел од групата што се играше во Севилја, а за ривал во првото коло го добивме Чиле. Се очекуваше лесна победа, „црвено-жолтите“ одиграа под вообичаеното ниво, но на крајот сепак триумфираа со 30-28, меч во кој најдобар стрелец беше Кире Лазаров со осум погодоци.
Две години подоцна собирот на ракометната елита беше во Катар, а Македонија во првото коло се сретна со Тунис. Во арената имаше две илјади противнички навивачи, но одличната тактика на Ивица Обрван и максималната мотивираност на играчите придонесе „црвено-жолтите“ да му одржат лекција на африканскиот состав, совладувајќи го со 33-25. Кире Лазаров беше најефикасен и на овој натпревар со десет погодоци.
На последниот Мундијал што се играше во Франција повторно за прв ривал го имавме Тунис. Со Лино Червар на клупата, тактиката „седум на шест“ се покажа како добитна комбинација, па Македонија славеше со 34-30 (12 гола на Лазаров) и си ја отвори вратата кон следната фаза.
Сега на ред е Јапонија, уште една селекција што со квалитетот е зад нашиот национален тим. Сепак, фаворитската улога мора да се оправда и на теренот, за да се продолжи успешната серија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА